Како се спасува честа?

Македонија е веројатно единствена земја на светот со толкав број современи „борци“ и „херои“, „визионери“ и „лидери“, „заслужни граѓани“, „аналитичари“ и „историчари“ кои повикуваат на „акција“ ваква или онаква, кои делат совети и упатства, претскажуваат и заплашуваат…

35

Се разбира дека секој човек не може да биде визионер. Не може да биде ни херој. Па, можеби, и не треба, зашто, во спротивно – на што би личела планетава? Супермен до супермен? Но, секој човек би требало (барем) да стреми кон чесност, моралност, принципиелност…! Дури и ако не е сигурен дали е идиот, или не, нели?

Македонија е веројатно единствена земја на светот со толкав број современи „борци“ и „херои“, „визионери“ и „лидери“, „заслужни граѓани“, „аналитичари“ и „историчари“ кои повикуваат на „акција“ ваква или онаква, кои делат совети и упатства, претскажуваат и заплашуваат… Дури со сигурност знаат и кој е елита а кој некакво ѓубре покрај патот, кој е наследник на светлите традиции а кој фолирант… А едни, посебни, знаат и кој е мит а кој реалност! Ем ништо не разбираат, ем делат етикети, онака „замислено“ со прстот на слепоочницата или се закануваат со крената тупаница. И препродаваат секакви „идеи“. Туѓи, и најесто гнасни.






Затоа, во ова празнично расположение, можеби Македонија понагласено треба(ше) да се (пот)сети и на оние вистински херои и визионери од минатото, оние кои без многу прашања и филозофии го дадоа дури и животот за идејата за самостојна, суверена и независна држава. Без оглед што ги спомнуваме тук-таму и сосема инцидентно, тие ни се единствениот вистински патоказ и пример за бескомпромисна борба за една голема идеја што продолжува и денес. А тоа е „продолжување“ и на нивните животи! А богами и еден жежок шамар на оние малоумници кои бесрамно пропагираат дека одбраната на идентитетот е политика што „ќе не донесе до амбис“!

Зашто ние низ годиниве стасавме до тотална негација на сѐ, па дури и на сопствената историја прогласувајќи ја за мит и измислица или пак – како еднакво страшна варијанта – за заедничка со најригидните заговорници на мракот! Коекакви шутраци, не размислувајќи за цената, секојдневно ни солат памет што е добро за нас, ни ги прераскажуваат приказните прочитани на еден-два европски портали, ни нудат новооткриени ликови како пример за некакво европско однесување и слични будалаштини, а едновремено секое поинакво мислење дома го прогласуваат за предавство на стратешките интереси на македонскиот евроинтегративен пат!

А говорејќи за историјата, некако ми останале во сеќавање зборовите на Даме Груев по битката кај Смилево пред 123 години. И велат дека тој рекол: „Веќе ништо не може да се спаси, но честа ја спасивме – се биевме!“. Само три години подоцна, револуционерниот пат на Груев насилно ќе заврши кај с. Русиново. Но тој, како и многумина негови соборци – а впрочем и сите оние кои ги дадоа животите во Народноослободителната војна – ја одбранија не само својата туку и нашата чест! Дури и честа на оние кои се криеле под „јорган планина“ додека други гинеле, како што впрочем и денес многумина се кријат и уста не отвораат да не се замерат со едни или со други. Цел живот живеат како глувци, молчешкум и во темница, со едната рака подадена за сребрениците!

Иако тоа не е многу поразлично од овие неморални секојдневни јавни расчепиусти кои копнеат по „некој лидер што е спремен да сослуша, да разговара, да преговара…“ небаре од 1992 година ние правиме нешто друго. Да сослуша – што, да разговара – за што, да преговара како полесно да се остварат некои мрачни планови…? За многумина од нив дури и „ветото на Бугарија се злоупотребува“, само едните партиски кадри се „безобразни штеточини“ ама оние другите се цвеќе за мирисање, се трескаат од земја за „крвта и потта на чесната и намачена работничка класа“ или ни раскажуваат нивни испрдоци од малиот мозок за историјата, нацијата, за совремието…, па и за Бред Пит.

И не потсетувам напразно на зборовите на Груев само заради нивната суштина и совпаѓањето со актуелните состојби во државата, но честа на оваа земја била многупати силувана, често без никаков отпор или борба. Напорите да се издржи во овој налудничав геополитички амбиент што голта жртви – и „победници“ и „поразени“ – како монструозно чудовиште што утре ќе биде под строгата лупа на историјата, се само еден мал дел обидите за спасување на честа. Иако има и такви „умници“ кои отпорот го сметаат за „малициозен и лажен наратив според кој кај нас сѐ е совршено, а седиме блокирани само поради неправда“. Овде никогаш ни било ниту е совршено, но малициозно, лажно и тенденциозно е, онака (квази)либерално, да ги минимизирате димензиите на оваа очигледна (не)културна војна со аспекти на злосторнички културоцид!

Нештата денес, особено овие политикантски во онаа еу, мора да се читаат позадлабочено бидејќи зад нив се кријат сериозни и амбициозни геополитички планови. Но ако ги читаат неписмени или дислексични луѓе како претходните… Впрочем, повторно: (не)културната војна против Македонија не започна вчера туку пред цели триесет години. А тогашните историски неписмени „елити“ не ја видоа или не сакаа да ја видат, сето тоа на штета на државата и граѓаните.

Денешниот отпор е валидна демонстрација на решеност на борба дури и со посилниот, но и тој без соодветни дела може да биде – залуден.

Ако ние самите тоа си го правиле, ако сме слепи пред случувањата, тогаш и сме го заслужиле ова што ни се случува. Поточно, ако обидите за отпор и одбрана на правото, честа и моралноста не се колективни, ако честа не е споделена рамномерно кај сите, ако имате групи и поединци кои на неа гледаат како на монета за поткусурување…, тогаш од неа не останува ништо. А со неа ни од нас, кои исто така веќе утре ќе бидеме под лупата на историјата односно на нашите потомци, ни се допаѓало тоа или не. Бидејќи сите потези, или политики, што како држава и народ но и како поединци ги правиме, веднаш, веќе денес, ја бележат моралната вертикала, или ја потенцираат спротивната, надолна тенденција.

И кога утре потомците ќе прашаат како се бранела честа во ова време-невреме, што ли ќе кажат аландарциве?

Ако ние денес, со полно право, се повикуваме на историјата во нашиот судир со современите големобугарски аспирации и го потенцираме (и) нивното фашистичко минато и злосторствата што ги правеле во оваа земја, како мислиме дека нас ќе нѐ проценува историјата во некоја подалечна иднина, ајде да речеме педесетина или сто години подоцна, и овој нечесен, неморален куплерај со највисоките вредности на државата?

Поврзани содржини