25 НОЕМВРИ – НОВА СРЕДБА ЗА ЕВРОПСКАТА ИДНИНА НА РЕГИОНОТ Брисел ќе го оценува напредокот на Западен Балкан

Лидерите на Европската Унија и Западен Балкан на 25 ноември во Брисел ќе разговараат за реформите, Планот за раст, постепената интеграција во ЕУ и безбедноста на регионот.

63

Лидерите на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан ќе се сретнат на 25 ноември во Брисел, во време кога европската интеграција на регионот сè повеќе се разгледува и низ призмата на безбедноста и геополитичките интереси. Европскиот совет најави дека самитот ќе биде можност да се потврди значењето на партнерството меѓу ЕУ и регионот, но и да се разговара за реформите неопходни за напредок кон членството.

Европската Унија на состанокот ќе ја претставуваат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Двајцата претходно ја повторија пораката дека иднината на Западен Балкан е во Унијата.






– Нивниот пристап е наш приоритет, наша заедничка амбиција и клучна геополитичка инвестиција во овие турбулентни времиња. ЕУ е и ќе остане најсигурен партнер на овој регион – изјави Кошта.

Но, зад пораките за заедничка иднина останува и суштинското прашање: колку брзо земјите од регионот ќе успеат да ги спроведат реформите и да ги исполнат условите за напредок во пристапниот процес?

Според најавата на Европскиот совет, самитот треба да ја потврди посветеноста на европската перспектива на Западен Балкан, а партнерите од регионот ќе бидат охрабрени да го забрзаат спроведувањето на реформите и да ги исполнат преземените обврски.

На дневен ред ќе биде и постепената интеграција на регионот во европските политики и механизми, особено спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан. Лидерите ќе разговараат за досегашните резултати, можностите за продлабочување на интеграцијата и начините за подобрување на процесот.

Безбедноста и отпорноста на регионот, исто така, ќе бидат меѓу темите на разговор, во услови на сè посложена геополитичка средина. За Европската Унија, Западен Балкан не е само прашање на проширување, туку и регион со директно значење за стабилноста и безбедноста на европскиот континент.

Претходниот самит ЕУ–Западен Балкан се одржа на 5 јуни годинава во Тиват, Црна Гора. Средбата во Брисел ќе биде нова можност европските институции и лидерите од регионот да ги потврдат политичките заложби, но и да разговараат за конкретните чекори што треба да ја приближат европската интеграција до реализација.

Поврзани содржини