ФРАНЦИЈА МОЖЕ ДА ДОБИЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКА ОД КРАЈНАТА ДЕСНИЦА Ле Пен со голема предност пред Меланшон

Анкета за претседателските избори во Франција во 2027 година ѝ предвидува на Марин Ле Пен убедлива предност пред левичарскиот лидер Жан-Лук Меланшон во вториот круг.

64

Француската лидерка на крајната десница, Марин Ле Пен, би освоила 70 отсто од гласовите во вториот круг од претседателските избори во 2027 година, доколку нејзин противкандидат биде лидерот на левицата, Жан-Лук Меланшон. Ова го покажува анкетата на агенцијата „Харис Иницијатив“, спроведена за телевизијата М6 и радиото „RTL“.

Според анкетата, спроведена по протестите и насилството на 17 октомври, Меланшон би се пласирал во вториот круг, но би претрпел убедлив пораз од Ле Пен.






Во првиот круг, Ле Пен би освоила од 33 до 35 отсто од гласовите, додека Меланшон би добил од 17 до 19 отсто.

Поранешниот премиер Едуар Филип би освоил од 13 до 16 отсто, а европратеникот Рафаел Гликсман од 12 до 14 отсто од гласовите.

Доколку во вториот круг се соочи со Филип, Ле Пен би освоила 57 отсто од гласовите, наспроти 43 отсто за нејзиниот противкандидат. Во дуел со Гликсман, таа би добила 59 отсто, додека европратеникот би освоил 41 отсто од гласовите.

Анкетата покажува и дека поддршката за Габриел Атал, уште еден кандидат од политичкиот центар, би се движела меѓу пет и 11 отсто во првиот круг.

Од останатите кандидати, Давид Лиснар би освоил од седум до осум отсто од гласовите, додека сенаторот Бруно Ретајо од Републиканската партија би добил од четири до пет отсто.

Според резултатите, предноста на Ле Пен пред Меланшон во вториот круг е зголемена за три процентни поени во споредба со претходната анкета, објавена на почетокот на октомври.

Поврзани содржини