НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НЕ МОЖЕ ДА СИ ЈА ПЛАТИ КИРИЈАТА!? Институцијата очекува повеќе пари со ребалансот

Предложените измени на Законот за народниот правобранител треба да обезбедат поголема финансиска, функционална и организациска независност на институцијата, во согласност со меѓународните стандарди.

71

Народниот правобранител се соочува со финансиски тешкотии и има проблеми со исплатата на кириите за просториите во кои е сместена институцијата поради недостиг на пари.

Ова денеска го соопшти народниот правобранител Фатон Сељами зборувајќи за предложените измени на Законот за народниот правобранител, кои, како што посочи, треба да обезбедат поголема финансиска, функционална и организациска независност на институцијата и да овозможат таа во иднина да аплицира за акредитација со статус А.






– Овие измени и дополнувања се предуслов во иднина да аплицираме за акредитација за статус А на институцијата Народен правобранител, бидејќи во регионот само Црна Гора и Македонија се со статус Б“ – рече Сељами.

Тој рече дека се надева дека со новиот ребаланс на буџетот или со одлука на Владата ќе бидат обезбедени дополнителни финансии кои ќе ги задоволат потребите на институцијата.

Меѓу предложените измени е и решението за одобрување на буџетот, во случај да има несогласување меѓу Министерството за финансии и Народниот правобранител за висината на средствата. Според предлогот, во таков случај конечната одлука би ја донело Собранието.

Предвидено е и осамостојување на стручната служба, можност за формирање Совет за заштита на човековите права со претставници од академската заедница и граѓанскиот сектор, како и вградување на новите мандати на институцијата во законска рамка.

Сељами посочи и дека поради континуираниот одлив на кадар, институцијата има потреба од нови вработувања, но дека Министерството за финансии досега негативно одговара на доставените барања.

На денешната тематска дискусија во Собранието за измените на Законот за народниот правобранител беше истакнато дека тие треба да ја зајакнат независноста на институцијата, да обезбедат соодветни финансиски и човечки ресурси и поефикасна заштита на човековите права, во согласност со меѓународните стандарди и дел од пошироките реформи во владеењето на правото и евроинтегративниот процес на земјата.

Поврзани содржини