ТЕХЕРАН СООПШТИ ДЕКА 7 ТАНКЕРИ СЕ ПОГОДЕНИ ИЛИ ОШТЕТЕНИ ОД МИНИ ВО ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Се подготвува терен за нова ескалација во Персискиот Залив

Техеран најави проширување на листата на потенцијални цели, вклучувајќи инфраструктура како што се подводни кабли и дата-центри. Во меѓувреме, САД распоредуваат дополнителни воени сили во регионот, вклучувајќи и трет носач на авиони.

278

Седум нафтени танкери се запалија или претрпеа оштетувања во Ормутскиот Теснец, откако беа погодени во ирански напади или наидоа на поморски мини, соопшти Техеран.

Според агенцијата АП, станува збор за невообичаено голем број пловни објекти, а инцидентите дополнително ги поттикнуваат стравувањата дека конфликтот повторно би можел да ескалира во отворена војна.






Постои загриженост дека американско-израелските напади врз Иран би можеле да продолжат – особено пред изборите во Израел, на кои премиерот Бенџамин Нетанјаху би можел да ја изгуби власта, како и пред американските избори на средината на мандатот во ноември.

Иранската државна телевизија извести за најновите напади врз пловните објекти, повикувајќи се на морнарицата на Корпусот на гардата на исламската револуција. Во извештајот не се наведуваат информации за евентуални жртви.

Британската служба за следење на поморската трговија, „UK Maritime Trade Operations“, не извести за овие напади. Сепак, агенциите за следење во последните денови укажаа дека некои бродски оператори се воздржуваат од пријавување на вакви инциденти.

Во последните денови, Техеран навести дека би можел да ја прошири листата на потенцијални цели, вклучувајќи инфраструктура како што се подводни кабли и центри за обработка на податоци.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во средата изјави дека Техеран останува отворен за дипломатија, но е подготвен и да се брани.

Во меѓувреме, Соединетите Држави распоредуваат дополнителни воени сили во регионот. Ова вклучува трет носач на авиони и илјадници војници, кои ќе се приклучат на најголемиот американски поморски и воздухопловен контингент виден на Блискиот Исток во последните децении.

Во исто време, посредниците се обидуваат да ги вратат Вашингтон и Техеран на преговарачка маса.

Иран продолжува да го промовира својот најнов предлог, според кој војната би завршила, а Ормутскиот теснец би се отворил целосно во рок од седум дена, под услов САД да исполнат неколку услови.

Овие услови вклучуваат укинување на американската блокада на иранските пристаништа. Ваквите барања потсетуваат на условите од моморандумот што беше потпишан од страна на Вашингтон и Техеран во јуни, но пропадна по само неколку дена.

Американскиот претседател Доналд Трамп го одби овој најнов ирански предлог, иако двете страни потврдија дека индиректните разговори продолжуваат.

Откако Трамп ја одби понудата, зачестија нападите врз пловилата што минуваат низ Ормутскиот теснец.

Враќањето кон војна од целосен обем повторно би ги загрозило цивилите низ регионот и дополнително би го нарушило глобалното снабдување со нафта, природен гас и други стоки, вклучително и вештачки ѓубрива. Ваквиот развој на настаните најверојатно ќе предизвика нов пораст на цените на глобалниот пазар.

Поврзани содржини