ОЧЕКУВАМ НАСКОРО ДА БИДЕ ВАЛОРИЗИРАН НАШИОТ НАПРЕДОК ВО РЕФОРМИТЕ И ДА ПОЧНЕМЕ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ Мицкоски на Самитот на Балканскиот процес во Црна Гора
Факт е дека ние веќе имаме усогласена надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, дека сме многу напред во испорака кога станува збор за Реформската агенда, дека буквално се што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме - рече Мицкоски.
Очекувам сѐона што го имаме постигнато во процесот на испорака во Реформската агенда, во многу скоро време да биде валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да го почнеме со процесот на преговори – порача премиерот Христијан Мицкоски во изјавата од Самитот на Берлинскиот процес, што денеска се одржува во Свети Стефан во Црна Гора.
– Факт е дека ние веќе имаме усогласена надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, дека сме многу напред во испорака кога станува збор за Реформската агенда, дека буквално се што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме – рече Мицкоски во изјава за Националниот сервис.
Премиерот изрази очекување дека сето ова за кое што се зборува да биде во многу скоро време валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да го почнеме со процесот на преговори.
– Исто така истакнав дека постепеното или градуалното интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправно членство во рамките на Европската Унија – подвлече Мицкоски.

Мицкоски претходно учествуваше и на работниот ручек посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан.
– Денеска присуствував на работниот ручек, посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан. Регионалната соработка, размената на идеи и создавањето нови можности се важни чекори кон стабилен, просперитетен регион и забрзана европска интеграција – објави премиерот Мицкоски во објава на својот Фејсбук профил.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој се разговараше за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија. Тој претходно изјави дека очекува силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, како и суштински дискусии и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес во Црна Гора.

Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора, а покрај лидерите од Западен Балкан, учествува и канцеларот на Сојузна Република Германија, Фридрих Мерц, кој е силен поддржувач на напредокот и интеграцијата на регионот во Европската Унија.
Германскиот канцелар Мерц ја потврди поддршката за членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, но порача дека владите во регионот мора да покажат политичка волја и да ги спроведат потребните реформи.
Мерц се заложи за побрзо приближување на регионот кон Унијата и најави лична поддршка за тој процес. Истовремено, побара засилување на реформските напори на земјите што се стремат кон членство.
Берлинскиот процес е меѓувладина платформа покрената во 2014 година на иницијатива на Германија, под тогашната канцеларка Ангела Меркел, со примарна цел да се забрза евроинтеграцијата и да се продлабочи регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.