РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ Е УСОГЛАСЕН СО РЕАЛНИТЕ ЕКОНОМСКИ ДВИЖЕЊА Димитриеска-Кочоска го бранеше вториот ребаланс пред пратениците

Вкупните приходи во вториот ребаланс се планирани на 374,2 милијарди денари, а дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП. Проекциите за економскиот раст и за инфлацијата се задржуваат на 3,5 проценти, додека најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари.

31

Ребалансот не е само техничка корекција на буџетските ставки, туку и инструмент преку кој се земаат предвид најновите економски показатели и досегашното извршување на Буџетот, а истовремено се обезбедуваат средства за законските обврски и приоритетните потреби на граѓаните и институциите рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред Комисијата за финасирање и буџет на Собранието во која почна амандманската расправа на вториот ребаланс на буџетот.

– Со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година ги усогласуваме проекциите со реалните економски движења, досегашната реализација и ефектите од мерките преземени во текот на годината. Продолжуваме со инвестиции во патната и железничката инфраструктура, образованието, животната средина, земјоделството, енергетската ефикасност и модернизацијата на јавните финансии, со поддршка од домашни и меѓународни финансиски извори. Очекувам дека во рамки на расправата ќе ги разгледаме предложените измени од аспект на нивната оправданост и потребата за одговорно извршување на Буџетот до крајот на годината- рече таа.






Димитриеска -Кочоска  додаде дека вториот ребаланс е подготвуван во услови на продолжена глобална неизвесност, геополитички тензии и нарушувања на меѓународните пазари на енергенси.

-Конфликтот на Блискиот Исток и движењата на светските цени на нафтата и другите примарни производи се одразуваат врз економските услови, врз трошоците на компаниите и домаќинствата, но и врз планирањето и реализацијата на буџетските приходи и расходи. Во вакви околности, одговорната фискална политика бара навремено следење на состојбите и усогласување на буџетските проекции со реалните движења- рече министерката.

Таа додаде дека мерките кои што ги презеде владата за ублажување на кризата имаат конкретна цел, но имаат и директен ефект врз приходната страна на Буџетот, што мора реално да се одрази во проекциите за остатокот од годината.

-Затоа, со предложените измени ги усогласуваме приходните и расходните проекции со новите економски услови и со реализацијата во текот на годината. Притоа, буџетскиот дефицит останува непроменет на претходно утврденото ниво од 4,1 процент од бруто-домашниот производ, односно 46,3 милијарди денари. Корекциите се спроведуваат во рамките на постојниот фискален таргет, со внимателно усогласување на расходите со расположливите средства- напомена Димитриеска-Кочоска.

Таа се осврна на макроекономските проекции.

– Проекцијата за реалниот раст на БДП за 2026 година се задржува на 3,5%. Бруто-инвестициите се очекува да бидат еден од главните двигатели на растот. На тоа ќе влијаат реализацијата на капиталните инвестиции од Буџетот, вложувањата на претпријатијата во државна сопственост, развојот на патната и железничката инфраструктура, како и проектите на општините во образованието, здравството и животната средина. За 2026 година се очекува реален раст на бруто-инвестициите од 7,6%. Инвестициската активност на домашните компании се очекува да остане на солидно ниво, поддржана од кредитната активност и од поволните финансиски средства обезбедени преку владините мерки. Инвестициите создаваат услови за поголем производствен капацитет, нови работни места и подобра конкурентност на домашната економија- рече министерката.

Кај приватната потрошувачка, додаде, остварувањата беа подобри од очекуваното. Мерките насочени кон ублажување на ценовниот шок придонесоа да се намали притисокот врз расположливиот доход на домаќинствата.

-Во втората половина од годината се очекува потрошувачката да се одржи на солидно ниво. За целата 2026 година се проектира реален раст на приватната потрошувачка од 2,6 проценти, додека јавната потрошувачка се очекува да порасне за 2,5%. Извозот и увозот на стоки забележаа позасилена динамика во првата половина од годината, во услови на подобра глобална активност и поотпорна надворешна побарувачка од очекуваната. За 2026 година се очекува реален раст на извозот од 5,6%, додека увозот се проектира да порасне за 6 проценти. Инвестициите и активностите за отворање нови работни места, заедно со подоброто таргетирање на социјалната помош и активирањето на невработените корисници на социјална поддршка, се очекува да придонесат за понатамошно подобрување на состојбите. Стапката на вработеност се очекува да достигне 46,8 проценти, а стапката на невработеност да се намали на 11,2 проценти. Просечната нето-плата во 2026 година се очекува да порасне за 8,1 процент, под влијание на растот на платите во приватниот сектор и во одделни дејности во јавниот сектор, особено во образованието и здравството- посочи Димитриеска Кочоска.

Во врска со ценовните движења, таа рече дека за период од девет месеци инфлацијата беше поумерена од претходните очекувања.

Министерката рече дека вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, а дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП. Проекциите за економскиот раст и за инфлацијата се задржуваат на 3,5 проценти, додека најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари.

Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите од СДСМ. Според опозициската партија, новото прекројување на државната каса е последица на нереалното планирање на приходите, а не само на мерките за намалување на акцизата и на ДДВ за горивата. ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека економските политики се водат одговорно и стратешки, со јасен фокус на фискалната консолидација и одржливиот развој, а платите и пензиите продолжуваат да растат.

За вториот ребаланс на буџетот се поднесени 120 амандмани.

Поврзани содржини