📽️ НЕ СТИВНУВААТ КРИТИКИТЕ ЗА КАЈЛИ ЏЕНЕР КОЈА ГО НОСЕШЕ КУЛТНИОТ ГРАДНИК НА РЕВИЈАТА НА ВИКТОРИЈА СИКРЕТ „Таа нема тело на модел“
Ријалити-ѕвездата дебитираше на модната писта на познатиот бренд за долна облека, но нејзиниот настап предизвика остри критики. Адријан Кери смета дека престижниот градник требало да го носи професионална манекенка, а не инфлуенсерка
Кајли Џенер (29) за првпат прошета на модната ревија на „Викторија сикрет“ и веднаш се најде во центарот на вниманието. Ријалити-ѕвездата и претприемачка го носеше легендарниот „Фантази градник“, украсен со дијаманти и проценет на 50 милиони долари, заедно со впечатливи крилја од бел пердувест материјал.
Додека дел од публиката го пофали нејзиниот изглед и настап, други сметаат дека не требало токму таа да го носи најскапиот моден детаљ на вечерта. Меѓу најгласните критичари е Адријан Кери, победничката на првата сезона на реалното шоу „America’s Next Top Model“, која остро ја критикуваше одлуката на брендот.
– Немам ништо против Кајли Џенер, но таа не е манекенка. Не знам зошто ѝ го дадоа овој огромен градник. Тој е наменет за кралицата на вечерта, за главниот ангел на „Викторија сикрет“ – изјави Кери во пренос во живо на социјалните мрежи. Таа додаде дека изборот ја потсетува на натпревар за матурска кралица на кој титулата ѝ се доделува на некој што не ја освоил.
Кари отиде и чекор понатаму, тврдејќи дека Џенер „едноставно нема тело на модел“. Според неа, брендот го изгубил некогашниот престиж и сè повеќе се потпира на славата на познатите личности, наместо да открива нови манекенки. Таа смета дека модната ревија порано создаваше светски ѕвезди од манекенки кои дотогаш биле непознати за јавноста.
Критики упати и американската водителка Мегин Кели, која во својата емисија го доведе во прашање изборот на Џенер за оваа улога. Таа потсети дека „Фантази градникот“ традиционално го носеле некои од најпознатите имиња во модната индустрија, меѓу кои Тајра Бенкс, Жизел Бундхен и Хајди Клум. Кели се осврна и на естетските корекции на Џенер, која претходно јавно призна дека користела филери за усни и дека имала зголемување на градите, нарекувајќи го нејзиното тело „нереално“.
– Мислам, ништо од ова не е вистинско. Гледавме како Кајли Џенер расте. Жал ми е, но таа баш и не е на врвот на листата на најатрактивни членови на семејството Кардашијан-Џенер – рече таа, посебно осврнувајќи се на усните, градите и задникот на Џенер.
– Како дете, таа всушност немаше усни. Сега се големи речиси како оние на Анџелина Џоли – исто како и градите, а и задникот – рече таа.
Џенер претходно призна дека користела филери за усни и дека се подложила на зголемување на градите.
Реакциите продолжија и на социјалните мрежи. Дел од гледачите сметаат дека одлуката е неправедна кон професионалните манекенки кои со години работеле за да ја добијат оваа чест.
Други, пак, застанаа во одбрана на Кајли, а нејзината сестра Кендал Џенер, која во минатото настапуваше на ревиите на брендот, сподели видео од нејзиниот настап и јавно ѝ даде поддршка.
Градникот е изработен во соработка со познатата јувелирница „Џејкоб енд Ко“ и украсен со 4.410 природни дијаманти, меѓу кои и жолт дијамант од 75,54 карати. Традицијата на „Фантази градникот“ започна во 1996 година, кога првиот модел го носеше Клаудија Шифер. По неа, ова парче го носеа ѕвезди како Адријана Лима, Алесандра Амбросио, Миранда Кер и други познати манекенки.
The First Fantasy Bra made by Victoria’s Secret worn by Claudia Schiffer in 1996
#VSFashowShow https://t.co/sr5A9gkKDm— 𝒜𝓁𝒾𝓎𝒶𝒽𝒽𝒽🍒✨ (@Dicy_editz) October 19, 2026
Последен пат пред Кајли, градникот на модната писта го носеше Елза Хоск во 2018 година. Адријана Лима и Алесандра Амбросио, пак, во 2014 година беа избрани да носат два вакви градника на истата ревија. Токму долгата историја на оваа традиција е причината поради која дел од публиката смета дека изборот на Кајли е спорен.