РАСТУРЕНА СРПСКАТА СЛУЖБА ШТО ЈА ОТКРИ МАРИХУАНАТА ОД МАКЕДОНИЈА 15 раководители се распоредени на други позиции

Проблемите се појавија, како што е наведено во писмото, откако оваа полициска управа заплени дури пет тони марихуана во куќата на советникот на СНС од Крушевац.

129

Петнаесет раководители на Службата за борба против дрога при српската Управа за криминалистичка полиција биле преместени на други позиции по заплената на петте тони марихуана од Македонија во близина на Крушевац на почетокот на годинава, објави српскиот истражувачки портал „Крик“.

Медиумот објави писмо што полицајците го испратиле до српскиот премиер Ѓуро Мацут, во кое тврдат дека еден ден по акцијата, во која е запленета историска количина на марихуана, биле сменети раководителите на службата и дека тие и нивните семејства биле изложени на притисоци. Писмото го потпишале 13 полицајци, кои побарале средба со премиерот. Тој до денес не им одговорил на барањата.






„Еден ден по заплената започна уништувањето на службата, при што беа разрешени началникот на службата, заменик-началникот на службата, началниците и замениците во сите четири одделенија на службата, како и пет раководители на одделенија. По нашите отпуштања, започнаа притисоци и отпуштања врз нашите сопруги кои се вработени во Министерството за внатрешни работи, како и разни видови притисоци“, се наведува во писмото што полицајците го испратиле до српскиот премиер Мацут.

Проблемите се појавија, како што е наведено во писмото, откако оваа полициска управа заплени дури пет тони марихуана во куќата на советникот на СНС од Крушевац.

„Клучниот настан е веќе добро познатата заплена на пет тони марихуана во градот Коњух, а потоа, врз основа на нашите информации, заплената на над 40 тони марихуана во Република Северна Македонија. Од таа заплена, поточно следниот ден, започна уништувањето на службата со замена на началникот на службата, заменик-началникот на службата, началниците и замениците во сите четири одделенија на службата, како и пет началници на одделенија“, се наведува во писмото упатено до премиерот.

ОЈО ГОКК за Канал 5 велат дека последните случувања во Србија немаат влијание за проширување на истрагата..

„По предметот за организираниот транспорт на пет тони марихуана од Македонија во Србија се преземаат истражни дејствија. Се очекува наскоро да биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука.“, велат од ОЈО ГОКК.

Инаку, шверцот на дрогата беше откриен на 29 јануари годинава во Коњух кај Крушевац, на имот на локален функционер на владејачката Српска напредна партија.

Тогаш српските полицајци пронајдоа документација од македонската компанија „Алфафарм“, по што сознанијата им беа доставени на македонските истражни органи. На почетокот на февруари следуваше голема полициска акција во Македонија, во која од повеќе компании беа запленети над 40 тони марихуана и биомаса.

Според досегашните наоди на Обвинителство, криминалната група во најмалку пет наврати транспортирала големи количини на марихуана преку граничниот премин Табановце, прикриена во камиони со друга декларирана стока.

Поврзани содржини