„KИЕВ ЌЕ ПАДНЕШЕ ЗА ЕДЕН ДЕН ДА ВОЗЕА ПОБРЗО“ Трамп има своја верзија за „глупавиот генерал“ и нападите од 2022 година

Шефот на САД тврди дека Русија можела да ја заврши инвазијата врз Украина за само еден ден, доколку неименуван генерал не ги насочел тенковите надвор од автопатот. 

270

Киев ќе паднел за само еден ден, а војната во Украина ќе завршела уште во февруари 2022 година, доколку руски генерал не направел „глупава грешка“ и не ги насочел тенковите во калта, наместо да продолжат по автопатот.

Ова е објаснување што американскиот претседател Доналд Трамп го понуди пред новинарите за неуспехот на руската армија да го освои украинскиот главен град на почетокот на инвазијата.






Според Трамп, руските сили можеле да стигнат до Киев за само три ипол до четири часа, доколку нивните тенкови продолжеле да се движат по бетонскиот автопат со брзина од околу 77 километри на час.

Американскиот претседател за неуспехот обвини неименуван руски генерал, за кого рече дека веројатно повеќе не е жив.

– Глупав генерал за Русија. Многу глупав господин. Да имаа 1.000 тенкови што се движеа по бетонски автопат, ќе беа во Украина за 4 часа, возејќи со максимална брзина на тенк, што е точно 48 милји на час. Ништо не можеше да ги запре. Војната ќе завршеше за еден ден – изјави Трамп.

Тој тврдеше дека ноќта пред почетокот на инвазијата паднал најсилниот дожд во последните десет години, поради што земјиштето покрај патиштата било претворено во кал.

Според неговото објаснување, рускиот командант направил катастрофална грешка кога решил да ја напушти асфалтираната траса.

– И овој многу глупав генерал, немам поим кој е, се сомневам дека е сè уште со нас, се сомневам дека е дури и жив, реши да сврти десно на обработливо земјиште, а потоа да замине и да оди кон Киев – рече американскиот претседател.

Трамп продолжи со тврдењето дека руската колона немала никаква пречка на автопатот, но дека нејзиното скршнување на земјоделско земјиште го променило текот на војната.

– Наместо да остане на автопатот, бетонски автопат, совршено добар автопат на кој се снаоѓаа многу добро… Ќе стигнеше таму за три и пол до четири часа и целата војна ќе завршеше. Наместо тоа, се заглави во калта. Беше како жив песок – изјави Трамп.

На почетокот на инвазијата, руските сили ги користеа главните патишта од север кон украинскиот главен град. Особено внимание привлече руската воена колона долга околу 60 километри, која со денови остана неподвижна северно од Киев.

Украинската верзија за неуспехот на рускиот напад е различна. Според други извори, напредување било забавено не само од калта, туку од украинските заседи, уништените премини и проблемите со снабдувањето со гориво, храна и резервни делови за воените возила на Русија.

Украинските бранители намерно го поплавија подрачјето околу реката Ирпин во обид да го отежнат движењето на руските оклопни сили. Украинците исто така уништуваа мостови и ги нападнаа руските единици со противтенковските ситеми „Џавелин“ и NLAW.

Руската офанзива кон Киев заврши со повлекување на руските сили од северна Украина во пролетта 2022 година, по повеќенеделни борби и неуспешен обид за заземање на главниот град.

Четири години подоцна војната уште трае, а Украина загуби петтина од својата територија. Во обид за постигнување мир украинскиот лидер оствари средби со пратеникот на Трамп Стив Виктоф во Осло, додека Трамп најави можен трилатерален самит со Путин и со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Средбата доаѓа во момент кога Украина го изгуби пристапот до сателитската мрежа „Старлинк“, додека САД им забрани на европските земји испорака на ракетите „Патриот“ на Киев.

Поврзани содржини