РУБИО ГИ ОТФРЛА ПОПЛАКИТЕ НА ЗЕЛЕНСКИ КАКО „НЕРАЗБИРЛИВИ“ Немало прекин во размената на разузнавачки информации, туку технички проблем
Не знам од каде ги добива овие информации ниту зошто му ги кажува овие работи на печатот - рече Рубио.
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска ги отфрли тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Вашингтон привремено ја прекинал размената на разузнавачки информации со Киев, поручувајќи дека ги оспорува изјавите на украинскиот лидер.
– Немаше никаков прекин – изјави Рубио пред новинарите, доведувајќи го во прашање тоа зошто украинскиот претседател јавно ги изнел ваквите тврдења и оценувајќи дека лидерите треба да се фокусираат на дипломатските напори за завршување на војната.
– Не знам од каде ги добива овие информации ниту зошто му ги кажува овие работи на печатот – рече Рубио.
Реакцијата на шефот на американската дипломатија следува по изјавите на Зеленски во неделното интервју за американската телевизија Ен-би-си њуз (NBC News), во кое украинскиот претседател изјави дека размената на разузнавачки информации била прекината извесен период за време на руските балистички напади, пред американските власти на крајот повторно да го воспостават каналот за пренос на информации.
На прашањето за поплаките од Украина дека Киев не добил навремени предупредувања пред руските балистички ракети да ја погодат престолнината во текот на изминатата ноќ, Рубио рече дека не може да ги коментира најновите воени операции, но додаде дека Европската команда на американските вооружени сили неодамна разгледала технички проблем со софтверот што влијаел врз системите за рано предупредување неколку дена претходно.