ЌЕ ИМАМЕ НИСКИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА И ВО СЛЕДНИОТ ПЕРИОД Владата преговара со ОКТА за намалување на цената на дизелот за 2 денара
Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека кај цената на струјата нема да има нивелирање до крајот на годината.
Влада продолжува со истата политика за цената на горивата. Денеска имаме владина седница и продолжуваат преговорите со снабдувачот ОКТА за дополнителен попуст за нафтата. Мислам дека сме блиску до постигнување решение за намалување на цената од дополнителни два денари по литар кај дизелот, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
– Кај нас влијаат тековите кои што се на светските берзи. Но, факт е дека Владата, за разлика од сите влади во Европа, најмалку зафаќа во делот на данокот на додадена вредност и акцизата и затоа денес граѓаните имаат најниски цени во Европа кога станува збор за дизел горивото и безоловниот. Веќе имаме држави во Европа каде што дизел горивото и безоловниот се продаваат над 3 евра, 3,2, 3,3 па дури и 3,5 евра по литар, а кај нас и дизел горивото и безоловниот 95 октански се под 1,6 евроценти за литар и е најниска цена во Европа. И ние ќе продолжиме со таа политика – рече Мицкоски.
Тој оцени дека владата досега одлично се справува со кризата со горива.
– До крајот на годината апсолутно сме со обезбедени количини за сите видови горива, а следната година исто така ќе биде година која не очекувам да има поголеми турбуленции, а предизвици секако ќе има. Продуктоводот или нафтоводот кој што го поврзува солунското пристаниште со нашата рафинерија е под притисок, е наполнет, така што доволни количини на гориво ќе има за македонските граѓани и не само за македонските граѓани, бидејќи имаме најниска цена за горивата, граѓаните од соседните земји доаѓаат да полнат кај нас, со што двојно се зголеми конзумот на дизел, посебно во пограничните места. Ќе продолжиме со оваа политика да го заштитиме стандардот на граѓаните толку колку што можеме – истакна Мицкоски.
Тој ги отфрли шпекулациите дека до крајот на годината ќе има нивелирање на цената на електричната енергија и како што рече нема да има зголемување на цената на струјата, односно цената останува иста.
– Од кога сме избрани како Влада, немаме покачување на цената на електричната енергија. Се сеќавате во минатите години владата на СДСМ и ДУИ малтене ја дуплираше цената на електричната енергија, така што остануваме посветени да го заштитиме стандардот на граѓаните – изјави Мицкоски, кој денеска беше во посета на општина Чешиново-Облешево.