ХАОСОТ ТРАЕ, МАКРОН НЕ ГО ДАВА МИНИСТЕРОТ, НАЈАВИ ЗАБРАНА „Како можат да ѝ го прават ова на Франција?“

Францускиот претседател ја одби оставката на министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез и најави можност за забрана на одредени протести. Речиси 2.400 луѓе се приведени по насилствата, додека стотици продавници и јавни објекти се оштетени.

554

Францускиот претседател Емануел Макрон ја одби оставката на министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, додека немирите продолжуваат да ја потресуваат Франција. Во телевизиско обраќање тој остро го осуди насилството и најави можност за забрана на одредени протестни собири.

Макрон изрази неверување поради уништувањето на јавни објекти, особено по пожарот во историското градско собрание во Лимож.






– Зошто да се запали градското собрание во Лимож? Како можат да одат толку далеку? Ништо не го објаснува тоа, ништо не го оправдува – изјави Макрон.

Неговото обраќање следуваше по викенд исполнет со насилни судири, грабежи и подметнати пожари.

Протестите започнаа поради високите трошоци за живот, влошувањето на јавните услуги и незадоволството од образовниот систем.

Во саботата на улиците излегоа стотици илјади граѓани. Дел од протестите прераснаа во жестоки пресметки со полицијата.

 

Макрон ја одби оставката на Нуњез

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез понудил оставка поради размерите на немирите, соопшти Елисејската палата.

Макрон ја одбил неговата понуда, инсистирајќи министерот да остане на функцијата.

Според претседателскиот кабинет, целта е да се зачува командната структура на полицијата и на безбедносните сили.

Претседателот побарал од Нуњез итно да предложи нови мерки за спречување на грабежите.

Одлуката доаѓа во време кога француските власти се соочуваат со сериозни критики за безбедносниот одговор.

 

Политичари од левицата и од крајната десница претходно побараа оставка од министерот.

Тие сметаат дека полицијата не била соодветно подготвена за размерите на насилството.

Макрон побарал и детална анализа на пропустите во предвидувањето на немирите. Особено внимание ќе се посвети на разузнавачките процени и на полициската подготвеност. Претседателот инсистира на промени во безбедносниот пристап, иако одбил да го смени министерот.

– Нашите полицајци беа соочени со невидено насилство во бројни градови, и покрај нивната професионалност – изјави францускиот претседател.

Тој нагласи дека одговорните за уништувањето и за грабежите мора да одговараат пред законот.

 

2.400 приведени, 1.000 полицајци повредени

Според податоците објавени од француското Министерство за внатрешни работи, во саботата биле приведени 2.397 лица.

Во судирите биле повредени 997 припадници на безбедносните сили, од кои седуммина потешко.

Процените покажуваат дека биле погодени околу 1.500 трговски објекти. Штетата се проценува на стотици милиони евра.

Размерите на уништувањето го отвораат и прашањето за обесштетувањето на погодените трговци. Владата треба да разговара со претставници на бизнисите, банките и на осигурителните компании. Покрај економските последици, ќе се разгледува и судското постапување против осомничените за насилството.

Насилството зафати повеќе француски градови, меѓу кои Париз, Марсеј, Лион, Бордо и Лимож.

Во Лимож пожар сериозно го оштети историското градско собрание.

Во Париз продолжија судирите околу Плоштадот на Републиката, каде што интервентната полиција употреби солзавец.

Забележани се и нови обиди за грабежи и подметнување пожари.

Еден демонстрант почина на парискиот булевар Маџента. Според полицијата, причина за смртта бил срцев застој.

Во Сент Етјен, според француските медиуми, 17-годишно момче останало без шака откако било погодено со полициски проектил.

Можна забрана за одредени собири

Макрон најави дека локалните власти ќе можат да забранат одредени собири доколку проценат дека постои опасност од ново насилство.

– Префектите ќе донесуваат одлуки во координација со градоначалниците за да ги заштитат нашите градови, јавните згради и продавниците – изјави тој.

Претседателот нагласи дека мерките може да опфатат и забрана на одредени собирања.

Истовремено, направи разлика меѓу граѓаните со легитимни барања и групите што уништуваат имот.

Тој призна дека младите се загрижени за својата иднина и за можностите за пристоен живот.

– Не можеме од младите да бараме да веруваат во иднината ако не седнеме и не разговараме – изјави Макрон.

Претседателот најави и поширок политички дијалог за причините за незадоволството. Во разговорите треба да бидат вклучени политичките партии, студентските организации и локалните власти. Макрон порача дека социјалните барања мора да се слушнат, но насилството нема да биде толерирано.

Францускиот премиер Себастијан Лекорни за денеска закажа кризен состанок на Владата. На состанокот треба да се разгледаат последиците од насилството и новите безбедносни мерки.

Незадоволството поради високите трошоци за живот предизвика протести и во Италија, каде што во Милано имаше судири со полицијата. Во Тирана, пак, демонстрантите протестираа поради високите школарини и условите на универзитетите, барајќи оставка од премиерот Еди Рама.

Поврзани содржини