ЌЕ ОДГОВАРААТ ОНИЕ КОИ СЕ ОБИДОА ДА ЈА СОБОРАТ РЕПУБЛИКАТА Макрон повика на дијалог и најави забрани на одредени собири
Цела Франција чувствува гнев и срам, ништо не може да оправда такво насилство, рече францускиот претседател Емануел Макрон во обраќањето до нацијата по протестите низ цела Франција во кои стотици лица беа повредени, а многу згради беа оштетени.
Францускиот претседател Емануел Макрон се обрати до нацијата во телевизиски пренос во живо по протестите низ цела Франција во кои стотици лица беа повредени, а многу згради беа оштетени. Тој рече дека „ништо не го оправдува“ насилството и вети целосна транспарентност во истрагите за полициските акции.
– Ви се обраќам вечерва во исклучително сериозен момент. Во саботата, бандити од крајно левичарски групи, придружени од бројни криминалци, ограбија продавници и уништија јавни згради – рече Макрон на почетокот од своето обраќање.
Тој додаде дека цела Франција чувствува „гнев и срам“ и дека ништо не може да оправда такво насилство.
– Зошто да се запали градското собрание во Лимож? Како можеа да одат толку далеку? Ништо не го објаснува тоа, ништо не го оправдува – рече Макрон.
Тој нагласи дека полициските сили, и покрај нивната професионалност, биле изложени на невидено насилство во неколку градови и во неколку наврати.
– Ја замолив владата да ја анализира ситуацијата поврзана со разузнавачката работа и ќе се обезбеди целосна транспарентност за сè. Истрагите ќе се спроведуваат со најголема можна решителност, што е можно побрзо – нагласи Макрон.
Тој рече дека судиите „ја спроведуваат правдата во ваше име и знаат што очекувате од нив“.
– Оние што уништуваа мора да платат, оние што ограбија мора да надоместат, а оние што се обидоа да ја соборат Републиката ќе мора да одговорат за тоа – порача францускиот претседател.
Макрон објави дека премиерот Себастијан лекорну утре ќе свика кризен штаб. Целта на штабот е да обезбеди „итна помош и поддршка на сите оние кои минуваат низ тешки времиња“ поради сегашните протести.
Претседателот се осврна на загриженоста на младите.
– Нашата младина чувствува длабока вознемиреност за иднината и можноста да го најдат своето место во општеството. Ги разбирам средношколците и студентите, тие се во центарот на мојата јавна активност и нивниот глас мора да се слушне. Имаме двојна одговорност: да го слушнеме нивниот гнев, но и решително да обезбедиме почитување на републиканскиот поредок – рече Макрон.
Тој додаде дека префектите би можеле да одат дотаму што ќе забранат одредени собири и ги повика сите политички партии недвосмислено да го осудат насилството.
-На земјата ѝ треба ред и мир, а не понатамошна ескалација. Не можеме да бараме од младите да веруваат во иднината ако не седнеме и не разговараме – рече тој.
Тој најави дека пратениците и локалните власти ќе работат на конкретни решенија оваа недела.
– Сепак, ќе бидеме бескомпромисни кон оние што уништуваат. Слушањето и дијалогот не значат слабост – рече Макрон.
Тој порача пораката дека дискусиите мора да се водат со политичките партии, а не на улица и со насилство.
– Тие мора да се водат со меѓусебно почитување, никогаш во неред и уништување. Нашата земја заслужува достоинствена претседателска кампања за шест месеци – рече Макрон.
Тој откри дека иницирал меѓународни мерки за да се обезбеди снабдувањето со енергија на земјата.
– Овие напори мора да се одразат во цените. Знам дека Французите очекуваат конкретни резултати – рече тој.
Францускиот претседател потврди дека утре патува во земјите од Персискиот Залив на разговори за зголемувањето на цените на горивата. Зголемувањето на цената се должи на војната на САД со Иран, која директно влијаеше на трошоците за живот во Франција.
– Луѓето со право веруваат дека цената на горивото е превисока. Цената се зголеми поради она што се случува во Персискиот Залив. Тоа е војна во која Франција не учествуваше – рече Макрон.
Најмалку 1.800 луѓе беа уапсени за време на протестите против високите трошоци за живот и лошите услови во училиштата што се одржаа низ цела Франција во неделата.