„ДА БЕВ ВИНИСИУС, ЌЕ ГО НАПУШТЕВ РЕАЛ“ Мурињо откри зошто Бразилецот сакал да остане

Тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, смета дека малкумина би го издржале притисокот со кој се соочува Винисиус Жуниор. Португалецот призна дека на негово место би побарал трансфер уште минатото лето, но Бразилецот решил да остане поради љубовта кон клубот.

65

Жозе Мурињо изјави дека веројатно би го напуштил Реал Мадрид доколку бил на местото на Винисиус Жуниор. Тренерот на мадридскиот клуб застана во одбрана на бразилскиот напаѓач, кој со години се соочува со расистички навреди на шпанските стадиони, но и со критики од сопствените навивачи.

„Вини? Тој е фантастичен човек, многу го сакам. Навистина се восхитувам на фактот што успева да живее и да напредува во оваа средина со насмевка на лицето. Да бев на негово место, веројатно повеќе немаше да бидам тука“, изјави Мурињо.






Португалскиот стратег смета дека постојаните навреди и притисоци би биле доволна причина за многу фудбалери да побараат нова средина.

– Минатото лето веројатно би инсистирал да се преселам во друга лига, во друга земја, некаде каде што има клубови и стадиони на кои противниците би ми покажале одредена почит – рече тој.

Сепак, Винисиус избрал поинаков пат.

– Од љубов кон Реал Мадрид и верувајќи дека работите секогаш можат да се подобрат, тој одлучи да го продолжи договорот – објасни Мурињо.

Дваесет и шестгодишниот Бразилец во изминатите сезони повеќепати беше изложен на расистички навреди на гостувањата во Шпанија.

Истовремено, неговите настапи и однесувањето на теренот предизвикуваа критики и меѓу дел од навивачите на Реал.

Според шпанските медиуми, за неговите услуги интерес покажал и актуелниот англиски шампион Арсенал.

Винисиус, сепак, решил да остане во Мадрид и потпишал нов договор што важи до 2032 година.

Во моментов бразилскиот напаѓач отслужува суспензија од 4 натпревари по инцидент во кој повлекол противнички фудбалер за коса и нападнал службено лице.

Тој беше исклучен минатиот викенд на натпреварот против Виљареал.

Мурињо нагласи дека суспензијата не ја менува неговата поддршка за фудбалерот, но очекува Бразилецот да го искористи периодот надвор од теренот за дополнителна работа.

Според тренерот, Винисиус сега треба да „работи понапорно од кој било друг“ за да се врати во најдобрата форма.

Изјавите на Мурињо доаѓаат пред натпреварот на Реал Мадрид против Севилја во Ла Лига.

Поврзани содржини