ГО ОДНЕЛЕ МАРАДОНА ВО КУЌА ЗА ДА СЕ ОСЛОБОДАТ ОД НЕГО? Нови детали за мистериозната смрт на фудбалската легенда

Во куќата каде што фудбалската легенда ги поминала последните две недели немало ниту дефибрилатор, ниту основна опрема за прва помош. На судењето присуствувале неговите ќерки, а една од обвинетите лекарки се расплакала додека обвинителите ги барале казните.

116

Фудбалскиот ас Диего Армандо Марадона можел да преживее доколку добиел соодветна медицинска нега, но наместо тоа бил оставен во куќа без основни услови за лекување, тврди аргентинското обвинителство.

Во завршните зборови на судењето за смртта на фудбалската легенда, обвинителите побараа затворски казни за шестмина здравствени работници, меѓу кои и 12 години за неговиот личен лекар Леополдо Луке.






Обвинителството смета дека смртта на Марадона не била неизбежна последица на неговата здравствена состојба, туку резултат на серија пропусти во лекувањето, пишува Buenos Aires Herald.

Обвинителот Патрицио Ферари изнесе тешки обвинувања за начинот на кој била организирана домашната нега на поранешниот аргентински репрезентативец.

– На 11 ноември 2020 година Марадона беше темпирана бомба. Го однесоа во таа куќа за да се ослободат од него, а 14 дена подоцна почина – изјави Ферари пред судот во Сан Исидро.

Според обвинителството, здравствената состојба на Марадона барала постојан медицински надзор, но куќата во населбата Сан Андрес, во областа Тигре, не била соодветно опремена.

Таму немало медицински ракавици, газа, инфузии, комплет за прва помош, ниту дефибрилатор. Не било обезбедено ни амбулантно возило, иако, според обвинителите, такви услови биле ветени.

– Немаше ништо од она што беше ветено. Тоа беше апсолутен медицински вакуум – порача Ферари, опишувајќи ги условите во кои престојувал Марадона, пренесува La Gazzetta dello Sport.

Фудбалската легенда почина на 25 ноември 2020 година, на 60-годишна возраст, откако претходно беше оперирана поради субдурален хематом, односно насобирање крв меѓу мозокот и неговата заштитна обвивка.

Обвинителите сметаат дека медицинскиот тим ја знаел сериозноста на неговата состојба, но сепак дозволил домашно лекување без неопходната опрема и организација.

Фото: Принтскрин

Лекарка се расплакала, обвинет може да биде ослободен

Ферари и неговиот колега Косме Ирибарен побараа највисока казна за неврохирургот Леополдо Луке, кој бил близок со Марадона и учествувал во неговото лекување.

За него обвинителството бара 12 години затвор, додека за психијатарката Агустина Косачов се бараат осум години.

Координаторката на домашната медицинска нега Ненси Форлини се соочува со барање за десетгодишна затворска казна.

За психологот Карлос Дијаз обвинителството побара пет години затвор, а за медицинскиот техничар Рикардо Алмирон и координаторот на медицинските техничари Маријано Перони по четири години.

Покрај затворските казни, обвинителите побараа и забрани за вршење медицинска дејност за дел од обвинетите.

Драматични сцени се случувале и во судницата. Според аргентинскиот портал „Инфобае“, психијатарката Агустина Косачов се расплакала за време на завршните зборови на обвинителството.

На рочиштето присуствувале ќерките на Марадона, Далма, Џанина и Јана, како и неговите поранешни партнерки Клаудија Виљафање и Вероника Охеда.

Второ судење по скандалот со судијката

Особено интересен пресврт е одлуката на обвинителството да побара ослободителна пресуда за клиничкиот лекар Педро Ди Спања. Иако првично беше меѓу седумтемина обвинети, обвинителите оценија дека нема основа да бараат негова осуда.

Така, обвинителството сега бара казни за шестмина здравствени работници, додека конечната одлука останува во рацете на судот.

Постапката што сега влегува во завршната фаза е всушност второ судење за смртта на Марадона.

Првото судење беше поништено во мај 2025 година поради неправилности поврзани со постапувањето на судијката Хулиета Макинтах.

Новото судење започна на 14 април 2026 година, а во текот на постапката беа одржани повеќе од 40 рочишта и беа изведени 103 искази од сведоци и обвинети.

Судскиот совет во Сан Исидро треба да утврди дали пропустите во медицинската грижа претставуваат кривична одговорност за смртта на Марадона.

Поврзани содржини