КОНСТРУКТИВНА СРЕДБА ВО СОФИЈА, НО БЕЗ ПРИБЛИЖУВАЊЕ НА ПОЗИЦИИТЕ Муцунски повтори дека прашањата за идентитетот не смеат да бидат пречка на европскиот пат
Министерот Муцунски ја оцени средбата како конструктивна и одржана во позитивен дух, притоа нагласувајќи дека позициите на двете страни и натаму остануваат значително оддалечени. На средбата беше потврдена подготвеноста комуникацијата да продолжи и покрај постојните разлики во позициите, соопшти МНРнТ.
На маргините на Меѓународната конференција за Коридорот VIII, што денеска се одржа во Софија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари билатерална средба со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Велислава Петрова-Чамова.
Министерот Муцунски ја оцени средбата како конструктивна и одржана во позитивен дух, притоа нагласувајќи дека позициите на двете страни и натаму остануваат значително оддалечени, информираше Министерството за надворешни работи и трговија.
„Во однос на европската интеграција, Муцунски посочи дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба, која, од наша перспектива, е поврзана со предвидливоста на процесот и со досегашното искуство со билатералните барања.
– Нашите позиции се апсолутно јасни. Стратешки интерес и на Бугарија е ние да се движиме напред по европскиот пат. Но, ние сме земја која низ годините постојано се соочувала со билатерални барања. Кога ќе се затворело едно билатерално прашање, потоа се отворало ново – истакна Муцунски.
На средбата беше разговарано и за продолжување на дијалогот меѓу двете држави во периодот што следи, при што беше потврдена подготвеноста комуникацијата да продолжи и покрај постојните разлики во позициите“, соопшти министерството по одржаната средба во Софија.
Министерот на средбата нагласил дека прашањата поврзани со идентитетот, историјата и културата не смеат да претставуваат пречка на европскиот пат. Тој истакнал дека без дијалог не може да се дојде до решение, но и дека самиот дијалог не е гаранција за надминување на разликите.