НАМЕСТО ДА ЈА ПОГРЕБУВААТ, САКА ДА ЈА КОМПОСТИРААТ Ѕвездата на култниот филм „Вртоглавица“ има необична последна желба
Ким Новак откри дека не сака традиционален погреб. Легендарната актерка сака по смртта нејзините останки да се компостираат и да послужат за растење нови дрвја.
Легендарната актерка Ким Новак открила дека не сака традиционален погреб. Ѕвездата на „Вртоглавица“ сака по смртта нејзиното тело да биде компостирано, а од добиениот материјал да израснат нови дрвја.
Новак, која има 93 години, за организацијата за заштита на животните ПЕТА зборувала за својата необична последна желба. Таа денес живее повлечено на ранч во Орегон, далеку од холивудскиот свет, а природата и животните со години се важен дел од нејзиниот живот.
– Кога ќе заминам, ќе биде во ред бидејќи ќе станам дел од тоа прекрасно дрво и ќе продолжам да растам – рекла актерката.
Станува збор за постапка позната како човечко компостирање, при која посмртните останки со природни процеси се претвораат во материјал сличен на земја, кој потоа може да се користи за садење и растење растенија.
Нејзината желба е во согласност со начинот на живот што го избрала откако го напушти Холивуд. Новак се повлече од филмската индустрија во 1966 година и со текот на времето сè повеќе се посвети на природата, животните и сликарството.
– Кога го напуштив Холивуд, се преселив во средина во која можев да бидам опкружена со животни и да откријам која сум навистина – раскажала таа.
Во текот на годините се грижела за бројни животни – кучиња, коњи, птици, коза, па дури и змија по име Синсерли. Токму животните, вели таа, ѝ помогнале повторно да го пронајде сопствениот идентитет по годините поминати во филмската индустрија.
– Нив не ги интересира колку пари заработувате или каде живеете. Тие бараат искреност. Кога научија да ми веруваат, тогаш и јас најмногу научив да си верувам себеси – рекла Новак.
Ким Новак беше една од најголемите холивудски ѕвезди во 50-тите и 60-тите години. Се прослави со филмовите „Пикник“ и „Човекот со златната рака“, во кој глумеше со Френк Синатра, но најпозната остана по улогата во класикот на Алфред Хичкок „Вртоглавица“ од 1958 година, каде што играше со Џејмс Стјуарт.
Иако беше на врвот на славата, Новак реши да се повлече од Холивуд. Подоцна објаснуваше дека филмската индустрија може целосно да го „проголта“ човекот, а како пример ја споменуваше и Мерилин Монро, која лично ја познавала.
Денес живее далеку од холивудскиот гламур, а нејзината идеја по смртта да стане дел од дрво за неа претставува продолжение на животната филозофија што ја избрала пред повеќе од половина век.