ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ ГОДИНАВА МОЖЕ ДА ГО НАДМИНЕ НИШКИОТ ПО ПАТНИЦИ Николоски вели дека се прецизира и отворањето на линијата Скопје – Дубаи
Вицепремиерот вели дека е можно Визер дел до базата да префрли на Охридскиот аеродром.
Успехот што го постигнуваме во развојот на авиосообраќајот е резултат на паметната политика на субвенционирање што ја создадовме 2024 година и почнавме да ја спроведуваме во 2025 година и веќе ги даде резултатите. Секој месец соборуваме рекорди. Во јули, во споредба со јули минатата година, двата аеродроми пораснаа за 21%, во август за 31% – вели заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Кога бевме избрани, вкупната фреквенција на сообраќај на двата аеродроми заедно беше некаде речиси 2,4 милиони патници. Јас очекував до крајот на првиот мандат на оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ некаде околу 3,2-3,3 милиони патници, а веќе за една година стигнавме на 3 милиони патници и оваа година е само прашање на среќа, буквално на десетина илјади патници, дали ќе стигнеме до 4 милиони патници. Значи, држава со 1 милион 800 жители има 4 милиони патници на двата аеродорма. Дополнително на тоа, ние го снабдуваме приштинскиот аеродром целосно со керозин и снабдуваме голем дел од потрошувачката на нишкиот аеродром. Исто така на Скопскиот аеродром е третата најголема база на компанијата Визер, во моментов најголема европска компанија после Туркиш Ерлајнс во авиоиндустријата и сите нивни авиони коишто преноќуваат на Скопскиот аеродром се најновите Ербаси, Airbus A321Neo, коишто најмалку загадуваат – вели Николоски.
Според него, и Охридскиот аеродром има огромен раст на сообраќајот, со можност Визер, базата да ја прошири и во Охрид со уште еден авион.
– Концесијата кога е дадена, во неа пишуваше дека до 2030 година Охридскиот аеродром ќе достигне 130.000 патници. Значи тоа го определил концесионерот и државата. Оваа година Охрид ќе помине 350.000–400.000 патници, со многу голема шанса да го замине Нишкиот аеродром – вели Николоски.
Тој најави дека се прецизира отворање на линијата Скопје-Дубаи.
– Дубаи е одлична дестинација. Одлична што голем дел од бизнисот веќе се сели во Обединетите Арапски Емирати, зборувам од европскиот бизнис. Оние големи саеми каде што се претставуваат производители веќе мигрираат кон Дубаи, што многу ќе значи за македонските производители од една страна. Од друга страна, очекуваме сè повеќе туристи од Обединетите Арапски Емирати и во Скопје – рече Николоски.