📷 📽️ УКРАИНА ГОРЕШЕ ПРЕД 74 РОДЕНДЕН НА ПУТИН Најмалку 11 лица загинаа, а 36 се повредени во руските напади

Најмалку 11 лица загинаа, а 36 се повредени во руските ракетни и дронски напади врз повеќе украински области. Во Киев експлозиите се слушале во два брана, додека во Прилуки е уништена петкатна станбена зграда.

41

Најмалку 11 лица загинаа, а 36 се повредени во масовните руски ракетни и дронски напади врз повеќе украински региони во текот на ноќта, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Еден од најтешко погодените градови е Киев, каде што во текот на ноќта и рано утринава одекнале повеќе експлозии во два бранови. Нападот се случил на денот кога рускиот претседател Владимир Путин го слави својот 74 роденден.

 






Во Прилуки, во Черниговската област, целосно е уништена петкатна станбена зграда. Според Зеленски, таму загинале пет лица, а 26 се повредени, меѓу кои пет деца. Можно е и натаму да има луѓе под урнатините, наведе украинскиот претседател.

Во Киев, според градските власти, загинале две лица во Дарницкиот округ. Експлозиите првпат биле регистрирани околу 3:15 часот по локално време.

 

Украинските воздухопловни сили претходно предупредиле дека неколку руски бомбардери „Ту-95“ се приближуваат кон границата, по што следувале ракетни напади.

– Ракетите паѓаат една по друга. Најмалку 10 до 12 експлозии, колку што можам да избројам. Прилично е гласно во центарот на градот – опишал нападот новинарот на „Kyiv Independent“, Тим Задорожни.

Други новинари на истиот медиум известиле за напади во близина на киевскиот округ Подил, по што над престолнината се појавиле пламен и густ чад.

Експлозиите повторно се слушнале околу два часа подоцна, во 5:15 часот, во вториот бран ракетни напади.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопштил дека било погодено „нестамбено подрачје“ во округот Оболон, додека магацински објекти биле погодени во Подил.

 

Во Шевченкивскиот округ гореле остатоци од ракета, додека во Дарницкиот округ избувнал пожар во гаража. Според Кличко, во тој дел од градот биле пронајдени и тела на две лица загинати во нападот.

Првите руски дронови тргнале кон украинската престолнина околу 21 часот во вторникот по локално време. Набргу потоа во Киев било прогласено предупредување за воздушен напад, кое траело до 21:58 часот.

Нападите, сепак, не биле ограничени само на Киев.

Во други делови на Украина, руска ракета оштетила станбена зграда во областа Кременчук во Полтавската област, додека во градот Запорожје, на југоистокот на земјата, била оштетена сообраќајната инфраструктура.

Русија соопшти дека во текот на ноќта извршила „масовни напади“ врз воено-индустриски објекти во Киев и во повеќе региони во Украина, користејќи високопрецизно оружје од копно, воздух и вода, како и беспилотни летала.

Според руското Министерство за одбрана, меѓу целите биле објекти каде што украинската компанија за оружје „Фајр Поинт“ произведува и складира крстосувачки ракети „Фламинго“ и дронови со среден и голем дострел. Москва соопшти и дека биле нападнати цели во Киевската, Черниговската, Кировоградската, Днепропетровската, Полтавската и Харковската област.

 

Руското Министерство за одбрана наведе и дека цел на нападите била пристанишната и бродоградската инфраструктура во Одеската област, како и бродови за кои Москва тврди дека се користат во интерес на украинските вооружени сили. Овие тврдења не можеа независно да бидат потврдени.

Нападот доаѓа само еден ден откако Зеленски ги повика Украинците сериозно да ги сфатат предупредувањата за воздушни напади и предупреди дека, според неодамнешните разузнавачки податоци, Русија подготвува напад од големи размери врз Украина.

– Ве молам, ве молам, чувајте се. Ве молам, реагирајте на предупредувањата за опасност од ракети – порача Зеленски.

Најновиот масовен напад се случи на денот на 74 роденден на Путин. Според актуелните извештаи, руските сили употребиле голем број дронови и ракети, вклучително и балистички ракети, во нападите врз Киев и други украински региони.

Поврзани содржини