КОЈ САКА ДА ЈА СПРЕЧИ КОНТРОЛАТА НА СОЦИЈАЛНАТА ПОМОШ? Издупени гуми на службеното возило на „социјалното“ во Тетово
Кога полициските службеници ги провериле снимките од камерите, се покажало дека токму во тој период во објектот немало струја и не може да се види кој ги оштетил возилата.
Непознат сторител вчера рано изутрината ги издупчил гумите на службено возило на Центарот за социјални работи Тетово, со кое службениците требало да тргнат во контроли на корисниците на социјална помош во градот, во согласност со препораките на министерот за социјална политика Ѓоко Велковски и наредбата на директорката на ценетарот Магдалена Веселиновска.
СВР Тетово потврди дека во 8 часот и 15 минути утрото е пријавено дека во ЦРС Тетово е оштетено службено возило. Но кога полициските службеници ги провериле снимките од камерите, се покажало дека токму во тој период во објектот немало струја и не може да се види кој ги оштетил возилата.
Министерот за социјална политика Ѓоко Велковски завчера најави дека се вршат проверки на корисниците на гарантирана минимална помош и социјална сигурност за стари лица. Тој посочи дека досега се прекинати исплатите на овие права кај повеќе од три илјади корисници поради утврдени злоупотреби и акцијата влегува во завршна фаза.
И премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се откриени повеќе од 4.500 корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност кои ги земале парите без да ги исполнуваат условите, а меѓу нив имало починати лица, иселени граѓани и фиктивни корисници.