СТАТУА НА ТРАМП „ПОРТОКАЛОВА ЧУМА“ Е ПОСТАВЕНА ВО ЕВРОПАРЛАМЕНТОТ Американскиот претседател е претставен гол, како седи врз грбот на послаб човек

Изложбата ја организирал данскиот европратеник Пер Клаусен, член на левичарската група во Европскиот парламент, кој не крие дека станува збор за политичка и сатирична порака и кој порача дека не треба да постои страв од изложување критичко уметничко дело поради можната реакција на американскиот претседател Доналд Трамп.

111

Гола, позлатена статуа на американскиот претседател Доналд Трамп од 6 октомври е изложена во зградата на Европскиот парламент во Стразбур. Делото, високо околу 2,5 метри, е на данскиот уметник Јенс Галскиот и го носи името „Портокалова чума“. Трамп е прикажан гол, со долг златен голф-стап во раката, како седи врз грбот на значително помал човек. Скулптурата е обложена со 23-каратно злато и е позната и под името „Кралот на неправдата“.

Изложбата ја организирал данскиот европратеник Пер Клаусен, член на левичарската група во Европскиот парламент, кој го поканил Галскиот да ја донесе скулптурата во парламентот. Клаусен не крие дека станува збор за политичка и сатирична порака. Тој порача дека не треба да постои страв од изложување критичко уметничко дело поради можната реакција на Трамп.






– Ако некој е толку чувствителен што не може да го поднесе изложувањето на оваа скулптура во
Европскиот парламент, тогаш тој нема место на светската сцена – рече европратеникот Клаусен.

Пораката на авторот е насочена кон начинот на кој моќните ја користат својата моќ врз послабите. Покрај статуата е поставен текст: „Би направил сè за да му помогнам. Освен да му се симнам од грб“. Галскиот дополнително го обвинува Трамп дека е една од главните пречки за глобалните напори во борбата против климатските промени.

Ова не е прво појавување на скулптурата. Минатата година била изложена во Бразил за време на конференцијата COP30 на ОН за климатските промени, каде што авторите ја користеле за критика на политиките на Трамп и неговиот однос кон климатските прашања. Организаторите велат дека тогаш на претставници на ОН им биле давани и минијатурни верзии на делото.

Засега од Белата куќа нема официјална реакција на скулптурата, ниту самиот Трамп јавно се огласил за неа. Од друга страна, организаторот Клаусен очекува изложбата да предизвика реакции и вели дека токму јавната дебата е дел од нејзината цел. Статуата е поставена на едно од најфреквентните места во зградата на Европскиот парламент, во преминот што поврзува две згради на парламентот, и ќе остане изложена до утре, 8 октомври.

Скулптурата не е официјална поставка на Европскиот парламент во смисла на став на институцијата кон американскиот претседател, туку е изложба организирана со покана од конкретен европратеник.

Поврзани содржини