11 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ПОМИНАЛЕ НИЗ СЕПА СИСТЕМОТ ЗА ЕДНА ГОДИНА Граѓаните и компаниите заштедиле 5 милиони евра за надоместоци
Се очекува заштедите на граѓаните и компаниите да растат како што напредува преминот кон каналот СЕПА, што создава можности за нови инвестиции кај компаниите, особено во рамките на малите и на средните претпријатија и обезбедува директна поддршка на расположливиот доход на домаќинствата.
За период од една година преку Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) се извршени повеќе од 581.000 трансакции. Вкупната вредност на плаќањата е околу 11 милијарди евра, а граѓаните и компаниите заштедиле повеќе од 5 милиони евра, соопшти Народна банка на годишнината од воведувањето на системот во земјава.
Според Народна банка со воведувањето на системот надоместоците за граѓаните се намалиле за шест пати, а за компаниите за девет пати.
Се очекува заштедите на граѓаните и компаниите да растат како што напредува преминот кон каналот СЕПА, што создава можности за нови инвестиции кај компаниите, особено во рамките на малите и на средните претпријатија и обезбедува директна поддршка на расположливиот доход на домаќинствата.
-За помалку од една година од пристапувањето, СЕПА прерасна во водечки канал за извршување и прием на прекуграничните плаќања во евра достапен преку секоја домашна банка. Заклучно со септември 2026 година, учеството на трансакциите преку СЕПА во вкупниот број прекугранични трансакции за прилив и одлив во евра достигна 69%. Речиси подеднакво е учеството кај прекуграничните трансакции и за одлив (67%) и за прилив (70%), што укажува на тоа дека граѓаните и компаниите сѐ почесто ја користат СЕПА и за испраќање во и за прием на средства од странство. Важноста на инфраструктурата на СЕПА се потврдува и според вредноста на трансакциите, при што заклучно со септември 2026 година, преку СЕПА се обработени повеќе од половина од вредноста на прекуграничните трансакции во евра за прилив и над 70% од вредноста на оние за одлив – велат од Народна банка.
Во однос на структурата на корисниците, и граѓаните и компаниите сѐ почесто ги користат плаќањата преку СЕПА, при што електронските канали имаат позначајно учество, што придонесува кон дигитализација на плаќањата и намалување на употребата на готовината во секојдневието.
-Имено, 70% од електронските трансакции за прилив и 80% од оние за одлив на физичките лица се извршени преку СЕПА, додека кај компаниите, трансакциите преку СЕПА учествуваат со 70%, односно 65%, во електронските трансакции за прилив и одлив – посочуваат од Народна банка.
Според Народна банка, СЕПА не носи придобивки само преку поефикасни и подостапни прекугранични плаќања, туку создава и долгорочни развојни можности за економијата преку иновации, дигитална трансформација, зголемена конкурентност и поширока финансиска вклученост. Позитивното влијание од СЕПА се очекува да се засили во следниот период.