СИНДИКАТИТЕ ЗАСТАНАА ЗАД ФРАНЦУСКИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ Најавени маршеви и прекини на работата во училиштата
Француските средношколци бараат повеќе ресурси, подобри услови во училиштата и намалување на нееднаквостите, а на нивниот повик се приклучија и просветните, студентските и земјоделските синдикати.
Неколку синдикати, меѓу кои и најголемите синдикати на просветните работници, повикаа на поддршка за средношколците кои протестираат во Франција, со најавени маршеви низ земјата и прекини на работата во голем број училишта.
Средношколците бараат повеќе ресурси и укажуваат на нехигиенските училишни згради, пренатрупаните училници, непополнетите работни места, особено во загрозените населби, како и на нееднаквостите што, според нив, ги создава „Parcoursup“, француската платформа за прием на факултет.
Синдикатот на средношколците за денеска најави „трет чин на мобилизација“, по вчерашните блокади на средните училишта и неуспешната средба во ресорното министерство во петокот.
Кабинетот на премиерот оцени дека протестното движење се претворило во „урбано насилство“.
Широка коалиција на синдикати во националното образование ги повика вработените денеска да им се приклучат на средношколците.
Најголемиот француски синдикат, ЦГТ, ги повика своите организации да го заштитат правото на учениците на мобилизација, да обезбедат простор за нивно собирање и да придонесат за безбедноста на демонстрациите.
Претседателката на ЦГТ, Софи Бине, изјави дека активисти на синдикатот ќе бидат присутни за да ги заштитат средношколците.
Во мобилизацијата се вклучи и третиот по големина земјоделски синдикат, Конфедерација Паезан, кој ги повика земјоделците со трактори да им се придружат на средношколците во блокадите.
Синдикатот оцени дека барањата на мобилизираната младина се „праведни и легитимни“, а најмалку десет негови локални ограноци се одѕвале на повикот.
Во Париз маршот е најавен за 14 часот, со почеток од Плоштадот на Републиката. Повик за акција објавија и студентските синдикати, меѓу кои Студентскиот сојуз и УНЕФ.
Во писмото упатено до синдикатите, потпишано од делегираната министерка за енергетика, Мод Брежон, и министерот за труд, Жан-Пјер Фаранду, Владата навела дека во 2027 година нема да усвои промени што би влијаеле врз платите на активно вработените во електроенергетскиот и гасниот сектор, ниту врз финансиските средства на пензионираните вработени, без разлика дали станува збор за даноци или за социјално осигурување.