ПАТНИК Ѝ ОДГРИЗА УВО НА ЖЕНА-ТАКСИСТ! Шок во атинската населба Нова Јонија
Инцидентот настанал откако мажот дознал дека таксистката нема ПОС-терминал за плаќање со картичка.
Брутален напад врз таксистка се случил во атинската населба Неа Јонија, каде што 35-годишен маж ѝ го одгризал увото на 54-годишната жена.
Нападот се случил околу еден час по полноќ, спроти недела. Според информациите што ги објавија грчките медиуми, инцидентот настанал откако мажот дознал дека таксистката нема ПОС-терминал за плаќање со картичка.
Клиентот ја нападнал жената, при што ѝ го одгризал увото. Таа по нападот била во шок и плачела, а потоа со возило на брзата помош била пренесена во болница.
Очевидец го совладал напаѓачот и ѝ помогнал на повредената таксистка. Тој раскажал дека мажот бил исклучително агресивен, а устата му била крвава, поради што заклучил дека ја каснал жената.
Според сведоците, 35-годишникот изгледал „изгубено“ и се тетеравел, поради што тие се посомневале дека можеби бил под дејство на некакви супстанции. Очевидецот, сепак, навел дека кај него не почувствувал мирис на алкохол.
– Го запревме бидејќи дивееше. Не беше пијан, воопшто не чувствував мирис на алкохол. Но видов дека е изгубен и дека тетерави. Мислам дека беше под дејство на апчиња – изјавил очевидецот.
Тој додал дека таксистката по нападот истрчала и ја преминала улицата. Полицијата пристигнала во првите десет минути, додека брзата помош стигнала по околу 20 минути.
Осомничениот бил уапсен, а против него е поднесена пријава за нанесување тешки телесни повреди. Таксистката била пренесена во болница, каде што ѝ била укажана медицинска помош.
Истрагата продолжува за да се утврдат сите околности и мотивот за нападот.