ТЕШКО ДЕКА САМУИЛ БИЛ ВИСОК САМО 155 САНТИМЕТРИ Толкава е висината на мажот чии коски се откопани на островот Ахил

Основната минијатура за идентификација на цар Самуил и неговото семејство е минијатурата од венчавката на Мирослава. Според таа минијатура за првпат можеше да се идентификува семејството на Самуил, па сега со голема сигурност може да се каже дека знаеме како навистина изгледал Самуил - вели проф. д-р Милан Бошкоски. 

239

По идентификацијата на ликовите од минијатури од 11-ти и 12-ти век веќе точно се знае како изгледал Самуил, како неговиот син Гаврило Радомир, неговите ќерки Мирослава и Косара, неговата сопруга Агата, но и неговиот внук од брат Јован Владислав и неговата сопруга  Марија. Во таканаречениот Мадридски ракопис, стар повеќе од девет века, има минијатури нацртани додека уште биле живи директните потомци на македонскиот цар. Според идентификацијата што своевремено ја изврши проф. д-р Милан Бошкоски од Интитутот за национална историја во Скопје, цар Самуил на минијатурата од свадата на неговата ќерка Мирослава е на возраст од околу 50 години, а овој негов лик во боја, заедно со уште два цртежа, се единствените автентични ликови на македонскиот цар!

Оттука, според пишувањето на д-р Бошкоски, сѐ што досега е објавено како негов портрет е само слободна уметничка визија за тоа како би можел да изгледа цар Самуил:






„Истражувајќи го времето на цар Самуил имав многу податоци за разни настани што се случувале во негово време, но особено  интересни беа записите на  Јован Скилица во Мадридскиот ракопис, каде тој опишува повеќе конкретни историски сцени од тоа време. Една од нив е сцената во која Гаврило Радомир, синот на цар Самуил, го спасува во последен миг својот татко по битката на Беласица, носејќи го во Прилеп. Токму една таква сцена е насликана во една од минијатурите во Мадридскиот ракопис, а јас успеав за првпат да ги идентификувам личностите. На таа минијатура јасно се разликуваат две групи на воини: во првата група се коњаници во напад, а во втората група се коњаници кои отстапуваат пред неа, односно се повлекуваат од бојното поле. Во групата што се повлекува е цар Самуил со придружбата. Може добро да се забележи дека во левата рака држи штит а во десната копје. Според изворот стои дека од сигурна смрт го спасил синот, па  лесно може да се идентификува дека личноста до него е Гаврило Радомир, кој носи панцир, а третиот човек е најверојатно Јован Владислав, внук на Самуил, син на неговиот брат Арон. Гонителите ги предводи визанстискиот цар Василиј Втори. За таа минијатура во литерататурата се знаеше само дека е  мотив од битката на Беласица.“

Цртеж од венчавката на ќерката на Самуил!   

Сепак, според пишувањето на д-р Бошкоски, најзначајна е минијатурата на која се прикажува венчавката на Мирослава, најстарата ќерка на Самоил.

„Минијатурата прикажува церемонија на венчавка во катедрална црква, а на церемонијата се присутни  дел од најблиските роднини на невестата. Значи, ако се гледа внимателно, може да се види дека на церемонијата на венчавката присуствуваат свештеник, три жени и тројца мажи.

 

ФОТО: Википедија

Коските откопани во Ахил кај Преспа, кои денеска Грција ќе и ги предаде на Бугарија како коски на цар Самуил, се коски на човек кој според самиот грчки археолог кој откопуваше на Ахил, а и подоцнежните испитување, бил висок околу 155 сантиметри. Ако се анализира добро оваа минијатура, а првиот од тројцата мажи е Самуил кој наводно е висок 155 см, тогаш жените кои се пред него, вклучително и неговата сопруга, а кои се пониски, се високи околу 145 сантиметри, што не може да биде точно. Просечната висина на мажите на Балканот, според д-р Бошковски, во тоа време била околу 170 см, а според споредувањата на сите минијатури, д-р Бошковски велеше дека Самуил бил натпрочсечно висок, можеби дури 190 см, но во никој случај не бил со таа висина која би одговарала на скелетот и коските на човекот висок 155 см, а кои денеска ќе ги добие Бугарија. Со други зборови, тоа се коски на непознат човек, но не и на Самуил.

Над младенците стои зборот „брак“ што значи дека станува збор за  венчавка во црква. Над тројцата мажи, односно над мажот во средината, стои натпис дека е Самуил и тоа е непобитен писмен доказ за тоа кој е Самуил. Треба да се знае дека тоа се минијатури насликани на почетокот на 12-ти век  во ракописи на Јован Скилица од 11 –ти век. Значи, историјата што ја напишал Скилица, подоцна била илустрирана со повеќе минијатури од анонимен автор. Но, да се вратиме на минијатурата од венчавањето која е многу битна за да се утврди точно ликот на цар Самуил, затоа што само на неа точно пишува кој е Самуил. Притоа се гледа свештеникот кој врши венчална служба, а до него е и архиепископот, кој е претставен со  архиерејска облека со крстови. Токму архиепископот ја става венчалната круна а младенците стојат пред него со наведнати глави. Невестата е Мирослава, ќерка на Самуил, а младоженецот е Ашот, византиски благородник од Солун. До младенците стојат три жени во свечена, виолетова облека, каква што се носела на дворот само во свечени моменти. Бидејќи историски е потврдено дека настанот се случил во 997-та година, кога цар Самуил имал околу 50 години, меѓу жените може да се идентификуваат неговата сопруга Агата, која е облечена во свечена облека, со златен накит и околувратник за свечени прилики, но може да се забележи и тоа дека под свечената наметна носи црвен фустан, што е знак дека таа е највозрасна жена во групата.

До неа е Косара, втората ќерка, а третата жена е Марија, сопругата на Јован Владислав, внукот на цар Самуил. Во групата на мажи можат да се идентификуваат Самуил, кој во 997 се уште не бил прогласен за цар. Над него стои натпис дека токму тој човек е Самуил, што значи дека имаме точен, пишан доказ дека токму тој е Самуил. До него на минијатурата е неговиот син Гаврило Радомир, брат на Мирослава, кој има бела капа. Од минијатурата може да се види дека има широко лице, долга коса и виолетова наметка. Ако внимателно се анализираат неговите црти на лицето, може да се  види дека личи на својата мајка Агата.

Постои и уште една минијатура на која може да се идентификува цар Самуил. Станува збор за минијатура на која е илустриран настан од 1003-та година кога цар Самуил бил поразен кај Скопје од византиската војска. На минијатурата може да се препознае скопската тврдина, односно Калето. Сепак, основната минијатура за идентификација на цар Самуил и неговото семејство е минијатурата од венчавката на Мирослава. Според таа минијатура за првпат можеше да се идентификува семејството на Самуил, па сега со голема сигурност може да се каже дека знаеме како навистина изгледал Самуил. Фактот дека минијатурите се од времето кога можеле да постојат цртежи од царот, но и луѓе кои уште биле живи, кои го имале видено и можеле да го опишат, само ја зголемува автентичноста на вистинскиот визуелен опис на Самуил“, смета проф. д-р Милан Бошкоски.

Венчална церемонија под раководство на архиепископот Филип, поглавар на Самуиловата црква!?

Според историските документи може да се утврди дека Самуил и Агата стапиле во брак меѓу 972 и 975 година а првото нивно дете дошло на свет пред востанието против Византија во 976-та година. Станува збор за единствениот син Гаврило Радиомир. Освен него, Агата и Самуил имале уште четири ќерки, а од нив познати се само имињата на постарата Мирослава, омажена 997-та година за Ашот Таронит, и помладата Косара, подоцна со монашко име Теодора, која во 999 година била омажена за зетскиот кнез Јован Владимир.  Двете други ќерки, чии имиња досега не се познати, веројатно биле постари од Косара и Мирослава. Двете постари ќерки, без имиња, се спомнуваат во 1018 година, кога пристигнале со триумфалната поворка на византискиот цар Василиј Втори во Цариград. Значи биле заробени и однесени во престолнината на Византија.

„Свршувачката на Мирослава, една од четирите ќерки на Самуил со високиот претставник на визанстиската власт Ашот, кој поминал неколку години во затвор во Самуиловата држава, оставила силен белег во византиската меморија, па затоа овој настан се нашол дури и во илустрираната историја на Јован Скилица, позната како Мадридски ракопис (Мадридски затоа што се чува во главниот град на Шпанија), односно на минијатурата позната како венчална свеченост на која Самуил ја венчава својата ќерка за заробениот Ашот, син на Григориј Таронит. На минијатурата Мирослава е претставена во долга руса коса покриена со бела шамија, во црвен фустан а на вратот носи ѓердан, чии детали тешко се распознаваат. Ашот е претставен со кратка коса и брада, и носи виолетова наметка. Младоженците се со благо наведнатите глави прекриени со црвено платно, со што е претставен моментот кога првосвештеникот треба да им ги стави венчалкните круни. Над нивните глави пишува дека станува збор за венчавање. Првосвештеникот што ги венчава најверојатно е поглаварот на Самуиловата црква, архиепископот Филип. Тој носи темноцрвен стихар и фелон, а во десната рака му се забележува светло-виолетов амфор, но нема други архиерејски обележја. Во рацете држи две венчални круни. Зад него стои ѓакон со евангелие во раката, облечен во розов стихар. Во двете групи кои се притставени на церемонијата се најблиските роднини на Мирослава од женска и од машка страна.“

Крунисувањето на Самуил

Во истражувањетао на д-р Бошковски, кој со години ги проучуваше достапните документи од тоа време за да ги идентификува ликовите од минијатурите,  со сигурност може да се потврди дека свеченото крунисување на Самуил за цар, во присуство на папски легати, преспанско-охридскиот патријарх Филип, високото свештенство, царското семејство, македонски благородници, меѓународни претставници од унгарскиот кралски двор и зетскиот кнежевски двор, се извршило во Охрид, во новата соборна црква „Света Софија“, пандан на истоимената црква во Константинопол. Свечениот чин е извршен на Велигден 1001-та година. Поради фактот дека церемонијата бара крунисувањето да го изврши патријарх, можно е пред свеченото крунисување на Самуил, охридскиот архиепископ Филип, во присуство на папските легати, претходно да бил хиротонисан во патријарх, па потоа тој да го извршил свеченото крунисување на Самуил.

„Во прилог на ова одат податоците дека воинствениот византиски цар Василиј Втори одеднаш, таа година, ја напуштил традиционалната проримска политика и ги заострил односот со римските папи поради нивното мешање во сферите на влијание. На таков заклучок меѓу другото упатува констатацијата на Острогорски дека во времето на патријархот Сергеј (999-1019), името на папата било избришано од диптихот на Цариградската црква а веќе во 1024-та година биле водени преговори за мирно разграничување на сферите на влијание, со настојување Цариградската црква да добие „универзалност во својата сфера“. Како и да е, со признавањето на царската титула на Самуил од страна на папата Силвестер Втори, во 1001-та година, практично се формирале три империи: Византиската империја, Светото Римско царство и Македонското царство на Самуил. Веднаш потоа почнуваат жестоките напади на Византија за уништување на Самуиловото царство. Смртта на Самуил по битката на Беласица е претставена во минијатура на словенскиот превод на илустрираната хроника на Констатнтин Манасиј, попознат како Манасиев летопис од 14-ти век. Сигнатурата на минијатурата упатува дека Самуил, откако ги видел ослепените војници, веднаш умрел од мака. На преден план е претставена кула на тврдина, а пред неа висок дворјанин кој ги прима и утешува ослепените војници. Војниците се во сина облека и црвени капи на главата. Од спротивната страна е претставена помала четириаголна кула со пирамида на врвот. Пред неа е претставен Василиј Втори како седи на трон и издава наредба  да се војниците да се ослепат и да се испратат кај Самуил. Меѓу двете кули се гледаат планини кои го симболизираат просторот од Беласица до Прилеп. Според  историските  податоци, пак, Василиј веста за смртта на Самуил ја примил на 24 октомври 1014-та година во Мосинипол, кога новиот македонски владетел царот Гаврил Радомир веќе го презел управувањето со царството.

Поврзани содржини