НА СИЛА Е ЗАБРАНАТА ЗА ПОКРИЕНИ ЛИЦА ВО ИТАЛИЈАНСКИТЕ УЧИЛИШТА Мелони воведе квоти за странските ученици што не знаат италијански јазик
Од родителите со значителни тешкотии во познавањето на јазикот може да биде побарано да посетуваат часови по италијански, доколку тоа го отежнува нивното комуницирање со училиштето на нивното дете.
Во сите училишта во Италија стапи во сила забраната за покривање на лицето, откако претседателот Серџо Матарела го потпиша декретот од Владата на премиерката Џорџа Мелони, соопшти синоќа претседателскиот кабинет.
Исто така, од учебната 2027/28 година, во паралелките на сите нивоа на образование ќе може да има најмногу 30 проценти странски деца кои немаат доволно познавање на италијанскиот јазик.
Квотата се однесува на деца кои немаат италијанско државјанство, не се родени во Италија и не посетувале италијанска градинка најмалку 2 години. Во средните училишта учениците мора да посетувале училиште во Италија најмалку 3 години за да не бидат опфатени со квотата.
Според декретот, лицата на учениците мора да останат препознатливи, со што практично се забранува носењето исламски превези што целосно го покриваат лицето, како бурката и никабот.
Мерките се воведени со декрет со законска сила, што сега треба да биде одобрен од Парламентот во рок од 60 дена, во спротивно ќе престане да важи.
Од родителите со значителни тешкотии во познавањето на јазикот може да биде побарано да посетуваат часови по италијански, доколку тоа го отежнува нивното комуницирање со училиштето на нивното дете.
Мелони ги најави мерките на почетокот на септември, а неколку дена подоцна декретот беше усвоен во Владата.
Мелони од 2022 година ја предводи трипартиската коалиција на партии од десницата и конзервативната десница. Таа во изборната кампања во 2022 година вети построг пристап кон миграцијата.
Нејзината партија „Браќата на Италија“ и натаму е водечка според анкетите за јавното мислење во пресрет на изборите што се очекуваат следната година.
Коалицијата неодамна се соочи со притисок од новоформираната партија „Национална иднина“ на поранешниот генерал Роберто Ваначи, која се залага за уште построг пристап кон миграцијата.