„МОЖЕ ДА ГИ ПРЕНЕСЕТЕ КОСКИТЕ НА САМОИЛ, НО НЕ И ПРЕСПА, ОХРИД И САМОИЛОВАТА ТВРДИНА“ Реакција на македонскиот дипломат Оливер Шамбевски

Изгледа, некој очекува дека коските ќе завршат работа што историјата упорно одбива да ја заврши, пишува Шамбевски, истакнат професор по македонска книжевност, поранешен пратеник и амбасадор.

622

Споменот на Царот Самоил е во многу нешта заслужен за развивање на македонскиот национален идентитет и како таков бил светилник во најтемните денови на овој народ. Неговите коски можете да ги преместите колку сакате, но планините, езерата, градовите и историските траги не ги собира во ковчег – реагира македонскиот политичар и дипломат Оливер Шамбевски на бугарската активност на пореземање на коските на Цар Самуил од Грција.

Натаму Шамбевски во својата реакција објавена на социјалните мрежи истакнува: „Коските на разни цареви, кралеви, војводи и светци низ вековите патувале, биле преместувани, биле отворани гробници, па враќани, дури и подарувани, крадени и изложувани по музеи. Египетски мумии и безброј египетски артефакти завршиле низ музеите на Европа. Но никому не му паднало на ум дека со преминувањето на Медитеранот им се сменило потеклото. Зашто историјата не функционира така.






Моштите на Цар Самоил со децении беа во Грција, па тој не стана Грк. Сега Грција ќе ги предала на Бугарија. ОК… И што очекуваат? Изгледа, некој очекува дека коските ќе завршат работа што историјата упорно одбива да ја заврши“, пишува Шамбевски, истакнат професор по македонска книжевност, поранешен пратеник и долгогодишен амбасадор на Македонија во повеќе земји, меѓу кои Италија и Кина.

Тој Посочува дека ако идејата е дека со свечено пренесување на нечии коски може да се нанесе некаков удар врз македонската историска меморија, „тогаш навистина ѝ се припишува премногу моќ на една погребна поворка“. Според него, тука има само еден проблем.

„Со коските не може да се пренесе Охрид. Не може да се пренесе Преспа. Не може да се пренесе Самоиловата тврдина. Не може да се пресели Струмица, неговата одбранбена база во походот од 1014 година. А секако не може да се помести ни Беласица — онаа иста Беласица преку која византиската војска го направила решавачкиот маневар во битката кај Клуч. Беласица, патем, денес тврдоглаво стои распослана меѓу три современи држави. Како природата намерно да решила да им се потсмева на нашите балкански обиди со денешни граници да го премеруваме средниот век. И токму затоа целата работа повеќе предизвикува иронија и резигнираност отколку бес и лутина“ – пишува Шамбевски.

Поврзани содржини