СКОПЈЕ ВО ЕВРОПСКИОТ ВРВ ПО РАСТ НА АВИОСООБРАЌАЈОТ Само три средни аеродроми имаат поголем раст
Скопскиот аеродром во август бележи раст од 34,8 отсто во однос на истиот месец лани, со што се најде меѓу најбрзорастечките средни аеродроми во Европа.
Македонија се најде меѓу европските пазари со најголем раст на патничкиот воздушен сообраќај во август годинава, покажува извештајот на Европското здружение на аеродроми (ACI EUROPE) за воздушниот сообраќај во август 2026 година, во споредба со истиот месец лани. Извештајот содржи и анализа на движењата на сообраќајот во двата најфреквентни месеци од летната сезона.
Скопскиот аеродром во август годинава бележи раст на патничкиот сообраќај од 34,8 отсто во споредба со август 2025 година, со што е меѓу најбрзорастечките средни аеродроми во Европа. Во категоријата средни аеродроми, односно аеродроми со меѓу еден и 10 милиони патници годишно, Скопје е на четвртото место по раст, зад Братислава (+75,9 отсто), Трапани (+52,3 отсто) и Подгорица (+47,6 отсто), а пред Палермо (+32,3 отсто).
Земјава, според извештајот, е меѓу пазарите надвор од ЕУ+ со највисок раст во август.
Аеродромите на пазарот надвор од ЕУ+, се наведува во извештајот, забележале значителни разлики во движењето на патничкиот сообраќај, што ја одразува различната изложеност на геополитичките случувања, како и посилниот раст на основната побарувачка на помалку развиените авијациски пазари.
Аеродромите во Македонија (+34,8 отсто), Црна Гора (+28,6 отсто), Албанија (+20,7 отсто), Израел (+19,5 отсто), Ерменија (+14,2 отсто), Молдавија (+12,6 отсто) и Узбекистан (+10,5 отсто) забележале двоцифрен раст, се наведува во извештајот.
Турција, која е најголемиот пазар во оваа група, го задржала позитивниот тренд со раст од 4,4 отсто.
Во август 2026 година, најголем раст на патничкиот сообраќај на аеродромите во рамки на пазарот ЕУ+ е регистриран во Словачка (+61 отсто), Словенија (+19,3 отсто), Естонија (+16,4 отсто), Унгарија (+13 отсто) и Малта (+12,3 отсто).
На спротивниот крај од спектарот, најслаби резултати забележале аеродромите во Исланд (-9,3 отсто), Австрија (-6 отсто), Франција (-1,7 отсто), Кипар (-1,5 отсто), Норвешка (-0,3 отсто) и Германија (-0,2 отсто).
Меѓу најголемите пазари во ЕУ+, најдинамичен раст на патничкиот сообраќај е забележан во Италија (+5,2 отсто) и Шпанија (+4,7 отсто), каде што значаен фактор е туристичката побарувачка. Обединетото Кралство (+0,9 отсто), заедно со Франција и Германија, забележало раст под европскиот просек.
На ниво на Европа, патничкиот сообраќај е зголемен за 3,9 отсто во јули и за 3,1 отсто во август, забрзувајќи во однос на растот од 1,3 отсто во вториот квартал од 2026 година. Сепак, и натаму постојат големи разлики меѓу националните пазари.
Ова, како што се наведува во извештајот, претставува значително забрзување во однос на вториот квартал од 2026 година (+1,3 отсто), кога влијанието на војната на Блискиот Исток го ограничуваше растот.
Аеродромите надвор од пазарот ЕУ+ забележале особено силен раст и во јули (+6,6 отсто) и во август (+6 отсто), додека растот на пазарот ЕУ+ бил поумерен – во јули +3,4 отсто, а во август +2,5 отсто.