📽️ 440 ПРИВЕДЕНИ, 76 ПОВРЕДЕНИ, СТОТИЦИ БЛОКИРАНИ УЧИЛИШТА Бунтот на учениците во Франција прерасна во жестоки судири со полицијата
Протестите почнаа поради недостиг на наставници, пренатрупани паралелки и лоши услови во училиштата, а потоа ескалираа со судири, пожари и приведувања.
Десетици повредени и околу 440 приведени во судирите меѓу полицијата и демонстрантите, главно малолетници, како и стотици блокирани средни училишта – ова е досегашниот биланс на протестите на учениците што ја зафатија Франција.
Демонстрациите, кои започнаа минатата недела, се проширија низ земјата и ескалираа со инциденти во повеќе градови. На улиците гореа контејнери, беа оштетувани објекти, а во делови од земјата демонстранти фрлаа предмети кон полицијата. Во Лил и Лион, меѓу другото, беа запалени контејнери и други материјали, а во Лил кон полицијата беа фрлани различни предмети.
Протестното движење започна во средното училиште „Сен-Егзипери“ во Кретeј, во близина на Париз, а потоа се прошири и во други делови од земјата. Учениците протестираат поради недостигот на наставници, пренатрупаните паралелки, лошите услови во училиштата и оптоварувачките распореди.
🇫🇷 A major fire has struck Aimé-Césaire High School in France following a blaze deliberately set by high school students.
Follow: @europa pic.twitter.com/n0UYs2SEi8
— Europa.com (@europa) September 28, 2026
На еден од транспарентите пред гимназијата „Ламартин“ во Париз пишувало: „Од 8 наутро до 6 попладне. Повеќе часови на настава отколку часови сон.“
Што бараат средношколците?
Меѓу барањата на учениците се:
поголем број наставници и вработени во училиштата;
поголеми инвестиции во образованието;
подобри услови во училиштата;
решавање на проблемот со пренатрупаните паралелки и распоредите;
намалување на притисокот што го создава системот „ПаркурСуп“ при уписот на факултет;
намалување на разликите меѓу училиштата во предградијата и оние во Париз.
„Нашиот образовен систем е целосно урнисан“
– Не дојдовме без причина да кршиме и уништуваме. Тука сме да испратиме порака, јасно да кажеме дека образовниот систем е целосно урнисан. Во паралелка нè има по 34 и така е невозможно да се работи. Професорите се преоптоварени – изјавила 16-годишна ученичка за агенцијата „Франс прес“, пренесува Би-би-си.
Министерот за образование Едуар Жефре порача дека учениците имаат право на протест, но остро го осуди насилството.
– Она што ме загрижува не е тоа што средношколците изнесуваат барања, туку насилството. Од почетокот на протестите повредени се 76 лица, меѓу ученици и вработени во образованието – изјави Жефре за радио РТЛ.
Министерството за образование соопшти дека во вторник протестите или попречувањето на наставата зафатиле околу 400 од вкупно околу 3.700 средни училишта во Франција. Други извештаи наведуваат дека вкупно 416 установи биле погодени во текот на денот, со 45 целосни блокади.
🚨🇫🇷 FLASH | L’IGPN a été SAISIE après qu’un policier a tiré une grenade lacrymogène au visage d’un jeune. Il participait au blocus de son lycée. pic.twitter.com/guSzh47fBW
— Cerfia (@CerfiaFR) September 28, 2026
Жестоки судири меѓу учениците и полицијата
Министерот за внатрешни работи Лоран Нунез изјави дека во вторник биле приведени околу 440 лица, од кои најголем дел биле малолетници. Според него, во околу две третини од случаите било одредено задржување во полициски притвор.
Нунез изјави дека во седум случаи била фрлана хлороводородна киселина кон припадници на полицијата, додека во судирите биле повредени и полицајци. Според неговите информации, бројот на повредени припадници на полицијата достигнал 48.
Судири меѓу ученици и полицијата имаше во Париз, Лил, Лион, Рен и други градови. Во Лил демонстранти палеле контејнери и фрлале предмети кон полицијата, по што полицијата употребила солзавец.
Во Рен, пред средното училиште „Брекњи“, околу стотина ученици фрлале предмети кон објектот.
Тинејџер погоден во лице со полициски фрлач на гранати
Еден од најконтроверзните инциденти се случил на 28 септември пред средното стручно училиште „Шато д’Еплуш“ во Сен-Уен-л’Омон, во департманот Вал-д’Оаз, северозападно од Париз.
На снимките што се проширија на социјалните мрежи се гледа како 14-годишен ученик доаѓа во контакт со полицајци, по што е погоден во лицето со проектил испукан од фрлач „Cougar“. Според обвинителството во Понтоаз, ученикот претходно физички нападнал полициска службеничка, која го одбила/турнала, по што друг полицаец употребил фрлач.
Ученикот бил пренесен во болница во Понтоаз со повеќе скршени заби. Според „Le Monde“, обвинителството потврдило дека му недостасувале повеќе заби. Отворени се две истраги – едната за употребата на фрлачот од страна на полицаецот, доверена на IGPN, а другата за наводното насилство врз полициската службеничка.
Мајката на момчето за „Le Parisien“ изјавила дека сите горни заби на нејзиниот син биле скршени и дека сè уште не знаат каква е состојбата со долните заби.
🟥 UPDATE NUMBER FOUR | 29 SEPTEMBER 2026
🔳 Source: Journalists on the ground,🟥 SOLIDARITY / INTERNATIONAL
🔳 Student protests intensified across France, with high-school blockades spreading to major cities over overcrowded classrooms, staff shortages and excessive… pic.twitter.com/8ewOkjzRjN
— shameen suleman (@shameensuleman) September 29, 2026
Градоначалникот со учениците, им се приклучија и студентите
Градоначалникот на Сен Дени, Бали Багајоко, се приклучи на протестот на стотици ученици пред гимназијата „Пол Елијар“. Тој протестите ги нарече легитимни и изрази незадоволство поради, како што оцени, нееднаквата распределба на ресурсите меѓу посиромашните и побогатите средини.
Во Сен Дени дошло и до интервенција на полицијата со опрема за разбивање демонстрации.
Во протестите учествуваат и просветни работници. Националниот синдикат на наставниците во средните училишта „SNES-FSU“ соопшти дека во штрајк се околу 38 отсто од вработените во образованието, вклучително наставници, советници, психолози, асистенти за ученици со посебни потреби и друг образовен кадар.
Во Париз на протестите им се приклучиле и студенти. Во дел од универзитетите беа истакнати пораки како: „Нема почеток на академската година без меѓународни студенти.“
Ескалацијата на студентските и ученичките протести се совпадна со поширок генерален штрајк во јавниот сектор, во кој учествуваа просветни, здравствени работници и други вработени во јавниот сектор.
Според француското Министерство за внатрешни работи, на протестите во јавниот сектор учествувале повеќе од 200.000 луѓе, а најголем дел од тие демонстрации минале мирно.
French workers staged a nationwide strike to oppose the government’s plan to raise the retirement age by two years, to 64. pic.twitter.com/2b2Oq6Ueli
— Ezzy (@ezzyskii) September 27, 2026
Политички судир околу протестите
Премиерот на Франција, Себастијан Лекорни, порача дека поттикнувањето и ескалацијата на протестите се неодговорни.
Од друга страна, лидерот на левичарската партија „Непокорена Франција“, Жан-Лик Меланшон, ги поддржа учениците и ја критикуваше реакцијата на власта.
– Дигнете ги рацете од нашата младина – порача Меланшон, пренесува „Гардијан“.
Министерот за високо образование Филип Батист ја обвини „Непокорена Франција“ дека поттикнува насилство за време на блокадите и дека се обидува да го преземе протестното движење.
Претседателката на францускиот парламент, Јаел Брон-Пиве, изрази загриженост по повиците на Меланшон за спротивставување на, како што тој ја нарекува, „полициската бруталност“.
Францускиот претседател Емануел Макрон, во меѓувреме, се наоѓа во државна посета на Шпанија. Тој изјави дека училиштата треба да бидат отворени и да овозможуваат образование, но истовремено дека проблемите во средните училишта мора да бидат разгледани и решени.