В САБОТА СКОПЈЕ ЌЕ БДЕЕ ДО 3 НАУТРО, „БЕЛА НОЌ 2026“ СО БОГАТА ПРОГРАМА Концерти, изложби и диџејски настапи на повеќе локации

Вечерната програма на манифестацијата ќе се одржува од 19:00 до 03:00 часот, со одделни дневни содржини и детска програма што започнуваат порано.

69

Концерти, изложби, диџејски настапи и програма за најмладите се дел од содржината на „Бела ноќ 2026“, која ќе се одржи в сабота, 3 октомври, во Скопје.

Како што најавуваат организаторите, ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, манифестацијата и годинава ќе ги поврзе градските плоштади, улици, музеи и галерии во заедничка ноќ посветена на културата.






Програмата на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ, почнува во 18:00 часот со детскиот фестивал „Поточиња“, а во 18:45 часот следува „Театар за тебе“, интерактивен театар за деца. Од 19:30 часот публиката ќе ја забавува DJ Bono, по што во 20:30 часот настапува „Допамин бенд“.

Во 22:00 часот, сцената им припаѓа на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, додека од полноќ музичката програма продолжува со DJ Tammy и DJ Toshevv.

Кај фонтаната „Лотус“ „Бела ноќ“ носи вечер посветена на електронската музика. Програмата почнува во 20:30 часот со Flooder & Vaso, продолжува во 22:00 часот со DJ Vecky – Fluere, а од полноќ настапува Invictoz – Sempre.

На платото пред Музејот на современата уметност, од 20:00 часот, ќе се одржи „IN BETWEEN 04“, со DJ AYŪ од Берлин, DJ Peneva, DJ Stefan Strange, DJ Bole и DJ Luka, со што дополнително се збогатува музичката понуда на манифестацијата.

На „Боемска улица“ ќе се одржи „Боемска бела ноќ“, на која ќе настапат младиот Владмир Поповски со бенд и DJ Тоше Вељанов.

Покрај концертите и диџејските настапи, „Бела ноќ“ ќе понуди и средби со современата ликовна и мултимедијална уметност.

Во Домот на градежниците ќе бидат претставени самостојната изложба на Марија Рашковиќ и групната изложба „Вортекс“. Во Чифте амам публиката ќе може да ја посети изложбата „Пресек“ на Ирена Паскали, а во „Мала станица“ мултимедијалната изложба „Меѓу светови“ на Воскресија Андреевска.

Дел од содржините ќе започнат уште во текот на денот. Во Детскиот културен центар „Карпош“, во 09:00 часот, е најавена изложба на детски ликовни творби. Во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, во 12:00 часот, ќе се одржи „Нацртај песна“, а во 19:00 часот следува изложбата „Види ја поезијата“, која ги поврзува литературата, имагинацијата и визуелното изразување.

Археолошкиот музеј ќе ги пречека посетителите со бесплатен влез и содржината „35 предмети, 35 приказни“, отворајќи можност за откривање на културното наследство и приказните што ги чуваат музејските предмети.

На мапата на „Бела ноќ 2026“ се и Младинскиот културен центар, Мостот на уметноста, Боемска улица, Старата скопска чаршија, Музејот на град Скопје, „Аудио култура“ и улица „Македонија“.

Заедно, овие локации ќе понудат можност за поинаква прошетка низ Скопје, исполнета со уметност, музика и средби.

Вечерната програма на манифестацијата ќе се одржува од 19:00 до 03:00 часот, со одделни дневни содржини и детска програма што започнуваат порано.

Поврзани содржини