Цар Самуил се враќа во „татковината Бугарија“ со самолет, aj па ние утре Гоце Делчев ќе им го вратиме со дрон!

Ете баш вака изгледа „заедничката историја“ на европејски начин. Сите коски се бугарски! Политичка митологија и пропаганда пуштени на најјако. Грда и болна демонстрација на сила. Мизерија. А допрва ќе мора да признаеме дека нашата „заедничка историја“, всушност, е туѓа. Дека сме ја украле. Дека сме фалсификатори и лажговци. Дека, всушност, сме измислени и дека не постоиме. Уште има некој кому ова не му е јасно?

1,025

Што да ви кажам?

Внимателно следете ја оваа променада на царевите коски што ќе се случи в сабота, во Солун и во Софија. Гледајте со очи широко затворени, како и досега.






Сега вака, а исто вака и во иднина ќе изгледаат „добрососедство“ и „заедничката историја“ меѓу европските држави на југот на Балканот. Кога ние ќе почнеме сериозно да преговараме за членство во Европската унија, откако претходно, нормално, ќе ги запишеме нашите браќа Бугари во Уставот и така ќе им покажеме дека не се „дискриминирани“.

И кога ќе прифатиме дека „заедничката историја“ е заедничка, само ако е без нас. Заедничка, ама туѓа. Никако наша.

Тоа е пораката на филмот „Враќањето на големиот бугарски Цар Самуил во својата татковина Бугарија“. Неговите „коски“, односно нечии посмртните останки коишто никогаш не се идентификувани со каква било научно признаена метода, ќе бидат положени во црквата „Света Софија“ во Софија. Со нив и коските што им се припишуваат на Гаврил Радомир и на други членови на царевото семејство, за кои дури и се признава дека само се претпоставува дека се нивни.

Хм…

Кога била Софија, односно средновековен Средец, столица на Самуиловото царство?

Никогаш. Нуклеусот и седиштето на таа средновековна држава секогаш биле Преспа и Охрид.

Кога бил Самуил Бугарин?

Никогаш. Има повеќе хипотези за етничкиот бекграунд на овој средновековен владетел, но ниту една сериозна дека бил „етнички Бугарин“.

Како што анализира историчарот Митко Б. Панов, признат авторитет во медиевистиката, текстуалната изворна анализа покажува дека современиците на Самуил воопшто не ја идентификувале неговата држава со терминот „Бугарија“. Тие никаде не навеле дека таа била продолжение на Бугарското царство и дека поданиците биле „Бугари“, ниту дека Самуил претендирал на бугарските царски традиции за да обезбеди легитимитет на државата и на царската титула. Ваквата интерпретација, всушност, е подоцнежен конструкт и продукт на модерната имагинација, која ја следи идејата на Византиецот Василиј Втори за врамување на Самуиловата држава и црква во идеолошки конструираниот фиктивен континуитет на византиската супремација.

По потчинувањето на Самуиловото царство и по преземањето на голем дел од Балканот во 1018 година, Василиј Втори ги прекроил и концептуалните граници на империјата, што, пак, наметнало воведување нова терминологија за маркирање на повторно освоените територии. За означување на рекомпонираните граници бил воведен нов административен и црковен термин „Бугарија“. Тоа не е ознака на етнички идентитет, туку административен маркер за концептуално маркирање на земјата под власт на Ромеите.

Тоа, сосема накусо, е клучниот дел од пошироката знаменита анализа на историчарот Митко Б. Панов. Наспроти ова, во февруари 2019 година, македонскиот дел од Заедничката историска комисија, ќе потклекне под притисокот од Софија и од Струмица и ќе признае дека „цар Самуил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија“. Цар Самуил и неговата драматична судбина се прогласени за „симбол на заедничката историја“, која ја споделуваат двете современи држави, Македонија и Бугарија.

Актуелниот договор на две други современи држави, членки на ЕУ, Грција и Бугарија, за „враќање“ на посмртните останки на Самуил (за кои, да повторам, не се знае со сигурност дека се негови) во „татковината“ во Софија (за која, пак, многу добро се знае дека не му е татковина), меѓу другото, е флагрантно кршење и на договореното меѓу Софија и Скопје и „спонзорирано“ од ЕУ.

Ако оваа променада на коските е некаков приориотет на европската политика во регионот, во насока на силен поттик на добрососедството меѓу трите држави Грција, Бугарија и Македонија, ќе беше во духот на европските вредности и на европската традиција да се подготви еден проект на меморијализација на царството на средновековниот владетел токму во базиликата на островот Свети Ахил во Мала Преспа. Па таму, со сите почести, со присуство на претставници на трите држави, да се изврши достоинствен чин на „заедничко чествување“.

А не Цар Самуил (или можеби некој непознат мртовец) да се киднапира и да се носи со воен авион во Софија.

Како Мадуро во Вашингтон…

И зошто баш со воен авион? Дали можеби со некој понов модел на МИГ, еден од оние со кои пилотирал Румен Радев, во времето кога Бугарија е дел од Варшавскиот пакт?

Во политичката митологија и во пропагандата нема многу случајности, па имам впечаток дека и тајното референцирање на Русија од страна на софиските мудреци не е сосема случајно …

Имено, треба да знаеме уште нешто многу важно за односот на Бугарија кон Цар Самуил. Модерниот национален Самуил не е производ на 10 век. Во бугарската историска и политичка митологија тој „воскреснува“ во 19 век, во периодот кога на Балканот се создаваат модерните национални истории, а средновековните владетели, цркви, јазици и територии стануваат „аргументи“ во современите национални проекти.

Во своите истражувања, Митко Б. Панов со право ја поврзува историската легитимација на територијалните претензии по Сан Стефано и Берлин со настојувањето на бугарските национални дејци да ја вградат Самуиловата средновековна држава во националниот историски наратив. А тоа е направено под силно влијание на руската славистика и на руските универзитети, средината во која се школувале и работеле важни претставници на првата генерација бугарски историчари.

Тоа, се разбира, не е случајно. Огромна и пресудна е политичката улога на Русија во создавањето на модерната бугарска држава. Руско-турската војна од 1877 – 1878 година го отвора патот за нејзиното создавање, а Санстефанскиот договор го произведува познатиот проект за голема Бугарија, со огромен дел од географска Македонија во нејзините граници. Берлинскиот конгрес ќе го урне тој проект, но од тогаш Македонија дефинитивно е „најромантичен дел од бугарската историја“.

Ете, баш тогаш, во втората половина на 19 век, девет века по неговата смрт, Бугарите го откриваат „својот“ заборавен Цар Самуил.

Кога сè ќе се собере и одземе, останува впечатокот дека има нешто многу грдо во оваа најавена променада на куп коски од Солун во Софија, веројатно под патронат и на Брисел. И нешто многу болно во ова повторно „побугарчување“ на Цар Самуил и во присвојувањето на неговото наследство.

За крај, имам и порака што сакам јавно да ја упатам до владата на Христијан Мицкоски. До СДСМ на чело со Венко Филипче немам никаква порака, бидејќи таа клика еднаш веќе се изјасни дека ние и Бугарите сме „с’шт народ“ и затоа со нив на оваа тема јас веќе немам сериозен разговор.

Но, ја предупредувам екипата на Мицкоски, чиј ентузијазам во обидите да отвори сериозен разговор и размена на аргументи за сите прашања што ги оптоваруваат односите меѓу Македонија и Бугарија, се разбира, го поддржувам. Ја предупредувам на крајна внимателност и на потребата од соочување со реалноста.

А реалноста, за жал, е оваа променада на коските што ќе ја гледаме на 3 октомври.

Кој и да биде утре посредник во разговорите меѓу Скопје и Софија – посредникот што нашата влада го бара и го посакува – ќе се обиде да нè убеди дека токму вака треба да изгледа нашата „заедничка историја“. Ќе мора да признаеме дека нашата „заедничка историја“, всушност, е туѓа. Дека сме ја украле. Дека сме фалсификатори и лажговци. Дека ние, всушност, сме измислени и дека не постоиме.

Денес со воен авион на Софија ѝ се „враќаат“ коските на Цар Самуил, утре можеби ние ќе мора да ѝ ги вратиме моштите на Гоце Делчев.

Веројатно со дрон.

Тоа ќе биде еден вистински европски пристап, што Брисел ќе го поздрави.

Можеби и тоа в петок во Скопје ќе ни го каже и Урсула фон дер Лајен, откако ќе ги положи своите уморни коски во некоја удобна фотелја во кабинетите на Христијан Мицкоски и на Гордана Силјановска Давкова. Кога ќе нè убедува дека мора да ги внесеме Бугарите во Уставот и дека никој не го оспорува нашиот идентитет…

И секако, ќе ни ’ржне таа дека така било според правилата, стандардите и процедурите на куќата на чија врата тропаме.

За сичко си има процедура.

 

Поврзани содржини