ОДБРАНАТА ТВРДИ ДЕКА НИКОЈ НЕМА ЕКСКЛУЗИВНО ПРАВО ЗА КУПУВАЊЕ АВТОМАТИ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА Јавната набавка не е оспорена ниту во диспозитивот на обвинението за „Државна лотарија“

Адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на првообвинетиот Перпарим Бајрами, поранешниот директор на „Државна лотарија“ вели дека ниту во договорот со „Касинос Австрија“, ниту во актите за основање на заедничкото друштво не постои одредба со која на странскиот партнер му се дава ексклузивно право во делот на автоматите за игри на среќа.

132

Клучна забелешка на одбраната во предметот „Државна лотарија“ е дека компанијата „Касинос Австрија“ има ексклузивитет само за приредување електронски игри на среќа, но не и за набавка и приредување игри на среќа со автомати, истакна на денешното рочиште адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на поранешниот директор на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами.

За набавка на автоматите во вредност од 9,7 милиони евра им се суди на Бајрами, на поранешниот вицепремиер Артан Груби, на  поранешниот генерален секретар на владата Методија Димовски, како и на поранешните членови на надзорниот одбор на државното претпријатие: Скендер Мехмети, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриовски и Башким Авди и Бојан Јанев. Тие се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластување, односно, затоа што набавиле автомати за „Лотарија“, иако, како што тврди Обвинителството, „Државна лотарија“ немала право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали, бидејќи во 2013 година го вложила тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.






На денешното рочиште во Кривичниот суд бранителите на обвинетите ги изнесуваа своите забелешки во врска со доказите предложени од Обвинителството.

Според адвокатот Миланов, ниту во договорот со „Касинос Австрија“, ниту во актите за основање на заедничкото друштво не постои одредба со која на странскиот партнер му се дава ексклузивно право во делот на автоматите за игри на среќа.

– Со тоа, тој ексклузивитет не е пренесен и тоа право може да го користи и самостојно или преку други правни субјекти што би биле формирани – рече Миланов.

Одбраната со ова сака да покаже дека целокупната постапка за набавката на автоматите и правото за нивно користење е спроведена согласно закон. Миланов нагласи и дека во обвинението не се тврди дека некој од обвинетите стекнал противправна имотна корист од набавката на апаратите.

– Тие апарати и денес се наоѓаат во „Лотарија“, а во текот на постапката ќе докажеме дека таа набавка само е од корист, затоа што овие апарати со оглед на сите промени на цените, денеска вредат значително повеќе и можат во секој момент да бидат ефектуирани од АД „Државна лотарија“ – истакна Миланов.

Во врска со штетата наведена во обвинението, Миланов посочи дека како износ на штета е наведена вредноста на набавените апарати. Тој додаде дека самата јавна набавка не е оспорена ниту во диспозитивот на обвинението, ниту од кој било друг надлежен орган.

Сите обвинети на почетокот на судскиот процес се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

Поврзани содржини