📷 СТУДЕНТСКИОТ ДОМ „СТИВ НАУМОВ“ БЛЕСНА ВО ПОЛН СЈАЈ Пуштен во употреба по темелната реконструкција
Домот во Автокоманда е еден од првите два државни студентски дома што се целосно реконструираат во рамки на оваа инвестиција, заедно со „Кузман Јосифовски – Питу“.
Реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје денеска е пуштен во употреба, со што во државниот студентски систем се додаваат 1.150 легла. Обновата на домот е дел од поширок проект за реконструкција и енергетска ефикасност на државните студентски домови, кој се реализира со финансиска поддршка од Германската развојна банка (KfW) и Европската Унија.
Домот во Автокоманда е еден од првите два државни студентски дома што се целосно реконструираат во рамки на оваа инвестиција, заедно со „Кузман Јосифовски – Питу“. Министерството за образование и наука во мај годинава најави дека градежните работи на „Стив Наумов“ ќе завршат во текот на летото, по што следуваше опремување на собите и останатите простории.
Пуштањето во употреба на домот доаѓа во период кога се објавени и резултатите од конкурсот за прием на студенти во државните студентски домови за академската 2026/2027 година. На објавените листи на Министерството за образование и наука има примени студенти за објектите на „Стив Наумов“, како и студенти кои поради пополнет капацитет во други домови се распоредуваат во овој дом.
На денешното пуштање во употреба присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој најави и дека наскоро треба да биде ставен во употреба и вториот реконструиран студентски дом, „Кузман Јосифовски – Питу“.
– Во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов во Скопје, кој има капацитет од 1.150 легла, има европски услови. Она што студентите треба да го прават е само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите, се разбира и понатаму да напредуваат – рече премиерот Мицкоски, кој заедно со евроамбасадорот Михаилис Рокас и министерката за образование и наука Весна Јаневска присуствуваше на пуштањето во употреба на домот.
Мицкоски рече дека, „додека некои седат и од страна само критикуваат без аргументи, оваа влада испорачува проекти и исправа пропустите и грешки од минатото, кои за жал се илјадници“.
– Голема благодарност до нашите партнери, Германската развојна банка, Европската Унија, голема благодарност до колегите од Владата, до вработените во студентскиот центар, во студентскиот дом тука, за трпението. Наеднаш ќе имаме 1.150 нови легла, капацитет што досега го немавме. На крајот на овој месец, следниот месец очекуваме да се пушти и вториот студентски дом, така што во еден момент ќе имаме и повеќе од 1.500 легла на располагање за студентите кои што до сега ги немавме, коишто ќе бидат со европски услови, како што и амбасадорот на ЕУ, господинот Рокас кажа – state of art – истакна Мицкоски при посетата.






