СТРУМИЧКИОТ ТЕАТАР ГО БОЈКОТИРА СТРУМИЧКИОТ ФЕСТИВАЛ „РИСТО ШИШКОВ“!? Се чувствувал запоставен и маргинализиран
Сакаме нашиот театар да има активно учество во фестивалот, а не да биде рамен како секој друг театар што учествува во фестивалот - вели Ванчо Василев, раководител на струмички театар.
Театарот „Антон Панов“ од Струмица нема да учествува на годинешното издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Од театарот информираат дека, и покрај добиената покана за учество, донеле „тешка, но принципиелна одлука“ да го бојкотираат фестивалот, објави „Телма“.
Раководителот на театарот вели дека одлуката не е насочена против фестивалот и неговото наследство, туку претставува став во одбрана на, како што велат, институционалноста, професионалноста и јавниот интерес.
– За жал, театарските работници со години наназад се маргинализирани од Советот на фестивалот. Фестивалскиот совет го сочинуваат луѓе кои не произлегуваат од нашата институција, нашата комуникација со Фестивалот е многу отежната и затоа реагираме. Бидејќи е создаден, пред сè, од наши колеги кои веќе се заминати во пензија, и сакаме нашиот театар да има активно учество во фестивалот, а не да биде рамен како секој друг театар што учествува во фестивалот – вели Ванчо Василев, раководител на струмички театар.
Од струмичкит театар прашуваат зошто фестивалот е здружение на граѓани, и зошто од 2017 година градоначалникот на Општина Струмица не е претседател на фестивалскиот совет.
Директорот на фестивалот „Ристо Шишков“, пак, вели дека е затекнат од соопштението. Тој комуницирал со театарот и со селекторот му понудиле да се предложи претстава, за што до последен момент чувале термин за учество на театарот „Антон Панов“, но не добиле одговор.
– Фестивалот не го заслужува тоа. Името на Ристо Шишков не го заслужува тоа. ФКТ пред 30 години е регистриран како посебно здружение на граѓани и така функционира. Не сум јас првиот директор на фестивалот. Пред тоа бил Ванчо Мелев, Кирил Козаров, во еден период Горан Тренчовски после тоа Јани Бојаџи“ – вели Ване Ристов Патриков, директор на ФКТ „Ристо Шишков“.
Соопштението на струмичкиот театар доаѓа додека трае 34 издание на фестивалот „Ристо Шишков“. Во шесте фестивалски дена ќе се одиграат десетина претстави од три земји: Македонија, Србија и Бугарија.