ХОЗЕ ЧЕКА ПОТВРДА ДЕКА Е НАЈСТАР НА СВЕТОТ, А ТАЈНАТА МОЖЕБИ Е ОКОЛУ НЕГО Што е „сина зона“ и која е најблиската?

Документите велат дека Хозе Флорес има 119 години, а целиот живот го помина во Никоја, светски познато жариште на долговечноста. Најблиската „сина зона“ до Македонија е во Грција.

195

Хозе Флорес oд Костарика во Средна Америка чека потврда дека со своите 119 години е најстариот човек во светот. Има 8 деца и 4 генерации потомци, а целиот живот го поминал во костариканската Никоја, една од познатите „сини зони“ на долговечноста.

Овие места ги поврзуваат слични животни обрасци, многу движење, претежно растителна храна, силни семејни врски и помалку стрес. Најблиската таква зона до Македонија е грчкиот остров Икарија, западно од островот Самос кај турскиот брег.






Според личната карта, Флорес е роден на 11 јули 1907 година. Неговото семејство сега чека експертите да ги проверат историските записи и да ја потврдат возраста.

Ако проверката покаже дека документите се веродостојни, Хозе ќе стане најстариот жив човек во светот.

Но, неговите 119 години отвораат уште едно интересно прашање. Колку за неговата долговечност е важна средината во која го помина животот?

Ем долго, ем здраво живеење

„Сини зони“ се области поврзани со невообичаено голем број жители кои доживуваат длабока старост. Името станало популарно откако истражувачите почнале да ги означуваат ваквите жаришта со сина боја на карта.

Меѓу најпознатите се Никоја во Костарика, Икарија во Грција, Сардинија во Италија и Окинава во Јапонија.

Местата се оддалечени илјадници километри и имаат различни традиции. Сепак, кај нив се повторуваат неколку животни обрасци. Луѓето природно многу се движат, јадат претежно растителна храна и одржуваат силни семејни и општествени врски.

Чести се и помирниот животен ритам, чувството за животна цел и активноста до длабока старост. Ниту една од овие навики сама по себе не претставува магична формула за долг живот.

Во Икарија храната е медитеранска, на трпезата често има мешунки и маслиново масло, а по оброкот жителите знаат да споделат и чаша вино.

Хозе се вклопува во образецот

Животот на Хозе има многу од карактеристиките што се поврзуваат со Никоја. Целиот живот работел на село и бил физички активен.

Жителите на полуостровот ја истакнуваат и локалната вода, богата со калциум и со магнезиум. Во традиционалната исхрана важно место имаат пченката и гравот.

Хозе денес живее мирно и среќно, раскажува неговата внука и негувателка Хелен Флорес. Понекогаш се присетува на минатото и раскажува шеги.

Токму семејството самиот го издвојува како една од тајните на својата долговечност.

– Без љубов, без наклонетост и без грижа, тој немаше да биде овде денес – вели неговата внука.

Хорхе Виндас од Здружението „Сина зона“ за полуостровот Никоја ги издвојува и духовноста, верата, физичката активност и животот со малку стрес.

Кој е најстар човек во светот?

Пред Хозе да стане светски рекордер, документите за неговите 119 години треба да ги проверат меѓународни организации, меѓу кои и Гинисовата книга на рекорди.

Здружението располага со извод од матичната книга на родените и со запис за неговото крштевање. Постојат и документи од подоцнежните периоди од животот.

Официјално најстара жива личност во светот е Британката Етел Кетерхам. Таа е родена на 21 август 1909 година и во 2026 година наполни 117 години.

Ако експертите го потврдат датумот 11 јули 1907 година, Хозе ќе ја преземе титулата со 119 години.

Поврзани содржини