РАЗОТКРИЕНИ РУСКИ ПОДМОРНИЦИ,  ВЕЖБАЛЕ ВО АРКТИКОТ Бродови на НАТО ги следеле до каблите скриени на 2.700 метри под морето

Британија, Норвешка и САД ги следеле руските пловила кај Свалбард и им се спротивставиле на море. Русите не ја завршиле тајната вежба и ја напуштиле областа.

144

Руски подморници вежбале тајна операција кај арктичкиот архипелаг Свалбард, во област каде што два клучни оптички кабли се спуштаат до 2.700 метри под површината на морето. Британија, Норвешка и САД ги следеле руските пловила и им се спротивставиле на море. Вежбата била прекината, а Русите ја напуштиле областа, пишува Ројтерс.

Операцијата ја спровел рускиот Директорат за подводно војување ГУГИ, објави медиумот повикувајќи се на двајца западни функционери.






Според нив, Русите користеле длабоководни подморници за да симулираат распоредување тајна технологија. Оружјето било дизајнирано да онеспособува клучни подводни кабли без јасна трага за сторителот.

Ги следеле, па им се спротивставиле

Русија не оштетила ниту еден кабел. Вежбата симулирала употреба на технологијата во случај на конфликт со НАТО. Функционерите не откриле како точно работи оружјето.

Британските, норвешките и американските сили заеднички ги следеле руските пловила. Потоа им се спротивставиле на море.

Русите не успеале да ја завршат вежбата и на крајот ја напуштиле областа.

Британија и Норвешка уште во април откриле дека пресекле тајна руска операција во арктичките води. Но, тогаш не биле објавени локацијата, американското учество и постоењето на новата технологија.

Кабли дебели колку градинарско црево

Под морето кај Свалбард минуваат два оптички кабли долги по околу 1.400 километри. Тие го поврзуваат архипелагот со копнена Норвешка.

На одредени места каблите лежат дури 2.700 метри под морската површина. Самите кабли не се подебели од градинарско црево.

Низ нив минуваат огромни количества сателитски податоци од копнената станица „СвалСат“. Таа е најголемата сателитска копнена станица во светот и е дел од мрежата на НАСА за блиската вселена.

Подводните кабли се клучни и за глобалниот интернет и за финансиските трансакции.

НАТО испратил порака до Москва

Британските и норвешките претставници истовремено ги однеле своите сознанија во Москва. Намерата била Русија да знае дека НАТО ја открил технологијата и дека ја следи нејзината употреба.

Норвешкиот министер за одбрана Торе Сандвик соопштил дека заедничката операција испратила јасна порака до Москва.

„Недвосмислено им ставивме до знаење на руските власти дека секој обид да ја нападнат нашата критична инфраструктура ќе биде откриен и ќе има последици“, соопштил Сандвик.

Руското Министерство за одбрана не одговорило на барањето на Ројтерс за коментар.

Кремљ постојано негира дека спроведува саботажни операции во земјите на НАТО или дека подготвува конфликт со Алијансата.

Поврзани содржини