📽️ ЕЛЕН БЕРСТИН ДОБИ ЗЛАТЕН ЛАВ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО На 93 години актерката има два филма во Венеција, ја игра Мерилин Монро на 100 години и не планира да престане да снима
На 93 години актерката ја прими Златната лавица за животно дело, а во Венеција пристигна со два нови филма и необична улога – ја игра Мерилин Монро на возраста на која би била ако беше уште жива.
Елен Берстин беше дочекана со силни емоции на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што ја прими наградата за животно дело. На 93 години, актерката зад себе има повеќе од пет децении кариера, околу 150 филмски и телевизиски улоги и една од најимпресивните колекции награди во американската кинематографија.
Берстин е добитничка на „Оскар“ за „Alice Doesn’t Live Here Anymore“, на наградата „Тони“ и на две награди „Еми“. Но, наместо признанието да го означи крајот на нејзината кариера, таа во Венеција пристигна со два нови филма.
Во краткометражниот „Flesh Impact“ на Меги Џиленхол, Берстин ја игра Мерилин Монро на 100 години – жена која никогаш не сме ја виделе на постара возраст од онаа на која почина, а Монро почина на 36 години. Во филмот Дакота Џонсон ја игра Монро во годините на нејзината најголема слава. Филмот е посветен на 100-годишнината од раѓањето на холивудската икона.
Улогата има и посебна тежина за Берстин. Актерката откри дека пред околу шест децении, додека сè уште ја градела својата кариера, ја видела Монро во еден њујоршки ноќен клуб. Монро тогаш ѝ упатила само краток поздрав со главата, но тој момент останал длабоко запаметен кај Берстин. Сега, толку години подоцна, таа ја толкува легендарната актерка во замислен период од животот кој никогаш не го доживеала.
Во Венеција Берстин го претставува и „Place to Be“ на унгарскиот режисер Корнел Мундруцо, во кој игра со Таика Ваитити. Таа ја толкува вдовицата Брук Греам, која тргнува на патување од Чикаго до Њујорк, а необичниот повод за патувањето е загубен тркачки гулаб. На сетот Берстин и Ваитити создале неочекувано блиско пријателство, кое двајцата го опишале како особено искуство.
Фестивалскиот директор Алберто Барбера ја опиша Берстин како актерка чија уметност со децении умее со достоинство, иронија и храброст да ја прикаже болката и човечката издржливост. Таа, пак, продолжува да предава актерство и ја пренесува традицијата што ја наследила од својот ментор Ли Стразберг.
– Никогаш не замислував дека на 93 години сè уште ќе снимам филмови – изјави Берстин во Венеција, признавајќи дека и самата е изненадена што сè уште добива големи улоги.