ПРОСЛАВИТЕ ЗА НЕЗАВИСНОСТА ГИ ЧИНЕЛЕ ГРАЃАНИТЕ И БУЏЕТОТ НУЛА ДЕНАРИ Сметката ја платиле општествено одговорни компании
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека има лоша вест за сите оние што, како што вели, шпекулираа, негодуваа, клеветеа и лиферуваа лажни информации околу цената за настапите на светските и домашни ѕвезди по повод 35-годишнината од независноста од Македонија.
Нула денари ги чинеле граѓаните и буџетот прославите по повод 35-годишнината од независноста од Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека има лоша вест за сите оние што, како што вели, шпекулираа, негодуваа, клеветеа и лиферуваа лажни информации околу цената за настапите на светските и домашни ѕвезди.
– Молчев, не сакав да зборувам, оставав сето она што беше посебен момент и да биде посебен момент за граѓаните. И граѓаните и буџетот сите овие настани ги чинат нула денари. Слободно можете да отворите Отворени финансии и ќе видите дека чини нула денари. Сѐ е организирано од општествено одговорни компании. Жалам што кај поединци работи Фројд и што мислат дека како што правеле тие, ќе прават и други. Оваа Влада е домаќинска и промакедонска, и се грижи за граѓаните. Секој денар од Буџетот се троши на транспарентен начин. Лошата вест за нив е дека се потрошени нула денари буџетски средства за организирањето на овие настани, а сепак имавме незаборавно лето – рече Мицкоски по пуштањето во употреба на спортска сала во Општина Штип.
Тој оцени дека сме имале историско лето, лето за паметење во кое голем број светски ѕвезди настапија во градовите низ државата. Прославата почна на 2 август со Стив Аоки, потоа со неколкуте настапи на караванот „Силно светнал ден“, рок спектакл во Струмица со Пол Оукендфолд и Ван Дајк, настанот на градскиот плошад во Скопје со македонски ѕвезди и со Хозе Карерас, и кулминираше со спектаклот на Градскиот стадион каде настапи ѕвездата Дејвид Гета. Околу 50.000 луѓе уживаа на синоќешниот концерт. Ќе следи и една манифестација на 15 септември во Тетово.
Мицкоски се заблагодари на граѓаните и на сите кои учествуваа во организацијата на настаните.