📷 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ, ИЛЈАДНИЦИ ГОДИНИ ПРИКАЗНА Различноста е македонското богатство
Оваа земја е наш заеднички дом, во кој сите заедници имаат право да го чуваат, развиваат и споделуваат својот културен идентитет, порача министерот за култура и туризам Седат Сулејмани на свеченоста во Националниот археолошки музеј по повод Денот на независноста.
По повод 8 Септември, Денот на независноста, во Националниот археолошки музеј се одржа свеченоста „35 години независност – илјадници години приказни“, на кој се обрaатија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Седат Сулејмани и директорката на Музејот Магдалена Манаскова, соопшти Министерството за култура.
Министерот Сулејмани истакна дека 35-годишнината од независноста е повод да се осврнеме на изминатиот пат, но и да одговориме каква држава сакаме да изградиме во следните децении.

– Оваа земја е наш заеднички дом, во кој сите заедници имаат право да го чуваат, развиваат и споделуваат својот културен идентитет. Различноста е богатство, а мултикултурноста е нашиот најголем демократски потенцијал – порача Сулејмани.
Тој нагласи дека предизвикот на оваа генерација е да изгради држава во која никој нема да се чувствува туѓ, младите ќе ја гледаат својата иднина овде, а секој граѓанин ќе може со гордост да каже: „Македонија е и моја земја“.
Во рамките на свеченоста беа претставени 35 предмети од постојаната поставка на музејот, преку кои археолошкото и културното наследство се доближува до пошироката јавност.
