ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВАРАА ТРАМП И ПУТИН Вашингтон се залага за брз крај на војната и нови односи со Москва
Рускиот претседател Владимир Путин го уверил американскиот претседател Доналд Трамп дека Русија нема агресивни намери кон Европа.
Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин денеска одржаа телефонски разговор кој траеше еден час, информираше советникот на рускиот претседател за надворешна политика, Јуриј Ушаков.
Главна тема на разговорот била ситуацијата во Украина, а Ушаков го опиша разговорот како „конструктивен и многу искрен“.
Двајцата лидери се осврнаа и на неодамнешната посета на пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, на Москва, а потоа и Киев, како дел новата дипломатска иницијатива на Вашингтон за мировни разговори и крај на војната во Украина.
Според советникот на Путин, за време на разговорот, Трамп јасно се залагал за брз крај на војната.
– Доналд Трамп јасно се залагал за идејата за брз крај на конфликтот, што веднаш би отворило импресивни и далекусежни перспективи за целосно обновување на односите меѓу САД и Русија – изјави Ушаков пред новинарите.
Од друга страна, Путин му го претстави на американскиот претседател руското видување на ситуацијата, вклучително и напредувањето на руските сили на бојното поле и постигнувањето на поставените цели во Украина, рече Ушаков.
Според неговите зборови, рускиот претседател го уверил Трамп дека Русија нема агресивни намери кон Европа.
– Двајцата претседатели се согласија дека ќе останат во контакт и, доколку е потребно, повторно ќе се слушнат без одлагање – рече Ушаков.
Американски функционер претходно изјави за украинските медиуми дека Трамп ќе разговара со Путин откако ќе се информира од неговите ретставници за резултатите од состаноците во Москва и во Киев. Се очекува американскиот претседател да контактира и со украинскиот претседател Володимир Зеленски по разговорите со Путин.
Претходно денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека неговата земја е подготвена за преговори за решавање на украинското прашање и додаде дека разговорите со САД на таа тема биле корисни.
Според него, администрацијата на Трамп од самиот почеток имала и желба и способност да ги види основните причини за конфликтот меѓу Русија и Украина.
Тој оцени дека Европската Унија ги отежнува преговорите и наоѓањето доверливо долгорочно решение.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, во саботата во Кремљ се сретна со специјалните пратеници на американскиот претседател, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.