БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА ПОВИКА НА БАЛКАНСКИ ФРОНТ ПРОТИВ СРБИЈА Величењето на Младиќ е закана за мирот и безбедноста на целиот Западен Балкан

Босанскиот министер за внатрешни работи Рамо Исак рече дека приоритет е посилната врска на Босна и Херцеговина со Косово, Албанија, Црна Гора, Хрватска и со сите други држави од регионот кои имаат интерес Балканот никогаш повеќе да не стане простор исполнет со насилство.

71

Босанскиот министер за внатрешни работи Рамо Исак изјави дека глорифицирањето на хашкиот затвореник Ратко Младиќ во Србија и во Република Српска е директна безбедносна закана за Босна и Херцеговина и за Балканот и оцени дека Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Хрватска треба да создадат заеднички фронт против Србија.

Исак рече дека за него „нулта приоритет на надворешната политика и безбедноста е посилната врска на Босна и Херцеговина со Косово, Албанија, Црна Гора, Хрватска и со сите други држави од регионот кои имаат интерес Балканот никогаш повеќе да не стане простор каде што територијалните претензии, етничкиот национализам и рехабилитацијата на воените политики се претвораат во насилство“.






Тој додаде дека зборува за „создавање фронт против фанатичната четничка идеологија во Србија“, истакнувајќи дека „нејзините политички манифестации претставуваат директна закана за уставниот и правниот поредок, безбедноста, демократијата и за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Хрватска и на Албанија“.

– Во Србија и во ентитетот на БиХ Република Српска величењето на воениот злосторник Ратко Младиќ достигна такво ниво на политичка, социјална и институционална легитимност што повеќе не може да се опише како маргинален национализам – рече Исак.

Таквите феномени, додаде тој, не смеат да се третираат само како безбедносен предизвик, туку како директна закана за долгорочниот мир, политичката стабилност и безбедноста на Босна и Херцеговина и целиот Западен Балкан.

– ЕУ јасно соопшти дека величењето на воените злосторници, негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам немаат место ниту во Европската Унија ниту во земјите-кандидатки. Таа порака мора да има конкретни последици – рече Исак.

Тој го повика Советот на ЕУ да го промени постојниот режим на рестриктивни мерки, со воведување посебна и експлицитна основа за санкции за јавно величење на лица законски осудени за геноцид, злосторства против човештвото и за  воени злосторства,за негирање на законски утврден геноцид и други меѓународни злосторства, како и за ревизионистичките обиди да се оправдаат.

Поврзани содржини