ПАМЕЛА АНДЕРСОН БЕЗ ТРОШКА ШМИНКА НА ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ Актерката доби важно признание на филмскиот фестивал во Венеција

59-годишната актерка без трошка шминка, но во впечатлива портокалова тоалета ја прими наградата за нејзиниот ангажман во борбата против СИДА-та, а во емотивниот говор откри како сопствената борба со хепатит Ц оставила трага врз нејзиниот живот

64

Памела Андерсон привлече големо внимание на гала-вечерта на amfAR во Венеција, каде се појави без шминка и во впечатлива портокалова сатенска тоалета со соодветна наметка. Актерката веќе неколку години го негува природниот изглед, па и овојпат не се откажа од својот препознатлив „no makeup“ стил.

Но, нејзиното појавување имаше и многу посериозна причина. Андерсон на гала-вечерта го прими amfAR Award of Courage, признание што фондацијата им го доделува на личности кои со својот ангажман придонесуваат во борбата против СИДА-та и подигнувањето на свеста за болеста.






Во емотивниот говор, 59-годишната актерка зборува и за сопственото искуство со хепатит Ц. Таа откри дека во доцните 1990-ти, кога ѝ била поставена дијагнозата, за болеста сè уште немало лек.

Андерсон раскажа дека тогаш лекарот ѝ кажал дека можеби ѝ остануваат уште околу десет години живот. За неа, тоа било како смртна пресуда, а најмногу се плашела од тоа што би можело да се случи со нејзините мали деца.

По повеќе од една деценија живот со болеста, се појавил лек кој можел целосно да го излечи хепатит Ц. Андерсон откри дека имала среќа да го добие лекувањето во рана фаза, но морала сама да плати за терапијата бидејќи во тој период сè уште не била покриена со осигурување. Денес таа е излечена од хепатит Ц и со години зборува за важноста од тестирањето и борбата против стигмата поврзана со болеста.

Иако ХИВ и хепатит Ц се различни вирусни инфекции, двете дијагнози со години ги следи силна стигма. Луѓето со овие инфекции често се соочувале со страв, срам и дискриминација поради погрешни претпоставки за начинот на кој се пренесуваат, како и за самите заболени. Токму затоа нејзиното лично искуство со хепатит Ц има дополнителна тежина во контекст на признанието од amfAR, организација која со децении се бори против ХИВ/СИДА-та и стигмата што ја следи оваа инфекција.

На гала-вечерта Андерсон пристигна во долг портокалов сатенски фустан со тенки прерамки и соодветна наметка. Портокаловата боја симболично се поврзуваше со храброста по повод признанието што ѝ беше доделено.

Андерсон во Венеција е и по повод филмот „Place to Be“ на Корнел Мундруцо, во кој глуми заедно со Таика Ваитити и Елен Бурстин. Филмот се прикажува вон конкуренција на 83. Венециски филмски фестивал.

Поврзани содржини