КРАЈ ЗА „24 МИНУТИ СО ЗОРАН КЕСИЌ“ НА НОВА С Новото раководство откри зошто го укинува популарното шоу
„24 минути со Зоран Кесиќ“ повеќе нема да се емитува на Нова С. Од „ANN“ велат дека емисијата чинела над 500.000 евра годишно.
Сатиричната емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“ повеќе нема да се емитува на телевизијата Нова С. Договорот нема да биде продолжен по неуспешните преговори меѓу екипата на емисијата и новото раководство на компанијата „Adria News Network“ (ANN), сопственик на телевизијата.
Од „ANN“ како главна причина ја наведуваат високата цена на продукцијата. Според нивната анализа, емисијата била меѓу најскапите ставки во програмата на Нова С.
Од компанијата тврдат дека годишниот трошок за емисијата надминувал 500.000 евра, иако годишно се произведувале помалку од 30 часа програма.
Во трошокот, според „ANN“, не влегувал само хонорарот на водителот Зоран Кесиќ, туку и целокупната продукција – снимањето во студијата на телевизијата, користењето на опремата и ангажманот на вработените.
Од „ANN“ оценуваат дека комерцијалниот ефект на емисијата бил „маргинален“ и дека поради тоа трошокот не можел да биде оправдан.
– Затоа одлучивме да не го продолжиме договорот за емисијата – наведуваат од компанијата.
Одлуката доаѓа во период кога Нова С има ново раководство. Телевизијата е во сопственост на „Adria News Network“, која неодамна беше преземена од португалскиот инвестициски фонд „Alpac Capital“.
Од „ANN“ велат дека финансиската дисциплина ќе биде еден од принципите во работењето и дека ваквите одлуки се неопходни за долгорочната одржливост на телевизијата и нејзиното новинарство.
– Таквата финансиска дисциплина, на крајот, служи за зачувување на долгорочната одржливост на нашето новинарство и за заштита на нашата способност да инвестираме во новинарите кои го создаваат – наведуваат од ANN.
Од компанијата истовремено посочуваат дека додека анализата на трошоците сè уште траела, „надворешен добавувач“ решил јавно да зборува за случајот, и тоа писмено и во програмата на самиот канал.
Емисијата „24 минути со Зоран Кесиќ“ е позната по сатиричниот пристап кон политичките и општествените случувања во Србија и регионот. Нејзиното прекинување претставува една од првите позначајни промени во програмата на Нова С по промената на сопственичката и управувачката структура.