📽️ ДРАМАТИЧНА НОЌ ВО АЛБАНИЈА, ИЗГОРЕА НЕКОЛКУ КУЌИ Пожари беснееја во Химара и Фиер, евакуирани жители и туристи

Голем пожар ја зафати Химара во Албанија. Седум куќи изгореа, а жители и туристи беа евакуирани поради брзото ширење на огнот.

56

Големи пожари синоќа предизвикаа паника во повеќе делови на Албанија, а особено тешко беше во туристичката Химара, каде што огнот се приближи до куќи, хотели и други објекти. Силниот ветер дополнително го разгоруваше пожарот и го отежнуваше гаснењето.

Во Химара целосно изгореа седум куќи, од кои четири биле населени, а три празни. Пожарот се ширел од ридовите кон населените делови, поради што биле евакуирани жители, но и туристи кои престојувале во областа.

 






Сцените во текот на ноќта биле драматични. Туристи се собирале во близина на морето, обидувајќи се да се оддалечат од огнот, додека пламените јазици се приближувале до објектите во туристичката зона.

Во текот на интервенцијата биле ангажирани стотици припадници на службите за итни случаи, пожарникари и припадници на вооружените сили. На терен пристигнале и пожарникарски екипи од соседни општини, а биле ставени во готовност и амбулантни возила.

 

Според информациите објавени утрово, главниот пожар во Химара е ставен под контрола, но пожарникарите продолжуваат да ги гаснат преостанатите жаришта и да спречуваат повторно разгорување на огнот.

Во исто време, голем пожар беснееше и во областа Фиер, каде што пламените јазици се ширеле низ маслинови насади, борови шуми и грмушки, во правец на Леван и Пештан. Огнот стигнал до објекти, а поради опасноста за жителите биле евакуирани околу 15 семејства.

 

Во операцијата во Фиер биле вклучени пожарникари од повеќе градови, полицијата и други служби, а биле ангажирани и хеликоптери за гаснење на најкритичните жаришта.

Засега нема информации за загинати лица во пожарот во Химара. Материјалната штета е голема, а властите продолжуваат со интервенциите во двете погодени подрачја.

Поврзани содржини