НЕЗАВИСНОСТА НЕ Е НА ВЛАДАТА, ТУКУ НА ГРАЃАНИТЕ Митева откри детали за големата прослава на 8 Септември

Портпаролката Митева вели дека прославата на 35 години независност треба да биде приближена до граѓаните, а централниот настан на 8 Септември да биде кулминација на повеќенеделното одбележување.

106

Независноста на Македонија не им припаѓа на институциите, ниту на Владата сама по себе, туку на граѓаните, порача Марија Митева, членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на Владата, во гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Митева се осврна на активностите што во текот на целиот месец се организираат по повод 35 години независност на државата, посочувајќи дека целта била одбележувањето да не се сведе само на протоколарна свеченост во институциите, туку прославата да биде приближена до граѓаните.






– Целта на Владата уште на самиот почеток не беше да завршиме со една, би кажала, протоколарна прослава којашто ќе заврши со положување на свежо цвеќе или некоја централна свечена академија во рамки на институциите. Целта беше навистина да го мобилизираме она чувство на припадност, затоа што независноста не припаѓа на институциите, ниту на Владата сама по себе, туку припаѓа на граѓаните – посочи Митева.

Таа додаде дека токму од оваа идеја произлегла и одлуката прославата да се организира преку повеќе настани низ државата.

– Колку поблиску ја приближиме прославата до граѓаните преку вакви настани ширум Македонија, толку повеќе ќе може да почувствуваат дека ова е наша заедничка држава, дека заедно прославуваме и дека прославата е близу до граѓаните – рече Митева.

Според неа, централниот настан на 8 септември треба да биде кулминација на повеќенеделното одбележување на 35-годишнината од независноста.

Митева очекува спектакуларна прослава, а посочи дека зад организацијата стои голем број луѓе и сложена логистика.

– Од организациски аспект, ова е голем зафат, затоа што многу голема организација и многу голем број на луѓе се зад камерите, за сето ова да изгледа достоинствено, да изгледа, според мене, величествено и да може да се направи една ваква силна организација – изјави таа.

Таа истакна дека целта била да се организира манифестација од висок ранг, која ќе остави трајна вредност и трага во културната историја на Македонија.

Митева се осврна и на безбедносните аспекти поврзани со централната прослава, на која се очекува голем број граѓани.

Таа рече дека е подготвен посебен систем со кој треба однапред да се предвидат и минимизираат можните проблеми, особено околу влезот и протокот на посетители.

– Навистина, поради безбедноста која што мора да биде приоритет на Владата, за да не се доведеме до ситуација во која што граѓаните можеби отпосле ќе поставуваат прашања зошто не предвидовте дека ќе има огромни редици пред самиот влез на Градскиот стадион, одлучивме да се направи еден систем којшто не е за првпат измислен, туку постои при организирање на вакви, би кажала, големи настани. Да пробаме предвремено некако да ги анулираме сите недостатоци коишто можеби би се појавиле во текот на денот – рече Митева.

Централната прослава на Денот на независноста – 8 Септември, е најавена на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје, каде што главна музичка ѕвезда ќе биде светски познатиот диџеј и продуцент Давид Гета.

Со настаните во текот на месецот и големата централна прослава, организаторите најавуваат одбележување на 35 години независна Македонија со акцент на граѓаните, културата и заедничкото одбележување на државниот празник.

📽️ (ВО ЖИВО) ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА ПОЛН СО МУЗИКА, ГЛУМА И ТАНЦ Започна спектаклот „Силно светнал ден“

Поврзани содржини