📽️ АМЕРИКАНСКАТА ВОЈСКА ПОТОПИ ТРИ БРОДА ВО ПАЦИФИКОТ Еквадор и САД со заедничка акција против шверцот

Еквадорските власти велат дека станува збор за заеднички истраги со САД против шверцот на дрога, додека американската страна тврди дека пловилата служеле за снабдување со гориво на криминална група.

0

Еквадор ја оправда американската операција во која оваа недела беа пресретнати и потопени три еквадорски пловила, наведувајќи дека станува збор за заеднички истраги насочени кон сузбивање на шверцот на дрога.

Брегот на Еквадор, особено подрачјето околу пристаништето Манта, во последните години стана важно место за меѓународниот транспорт на наркотици, додека локалните криминални групи често регрутираат рибари за транспорт на дрога преку Пацификот, пренесува Ројтерс.






Потопувањето на пловилата е дел од пошироката американска воена кампања под називот „Операција Јужно копје“. Во рамките на операцијата во текот на изминатата година биле уништени околу 70 пловила, при што загинале повеќе од 220 луѓе.

Операцијата предизвика остри критики од организациите за човекови права и од одделни латиноамерикански лидери, кои ваквите напади ги сметаат за вонсудски егзекуции.

– Ова не се избрзани акции, ниту се реагира врз основа на прво сомнение. Спроведуваме истраги со Соединетите Американски Држави за прецизно да утврдиме што прават овие бродови и каква логистика обезбедуваат. Целта е да се прекинат рутите за шверц на дрога – објаснил министерот.

Тој додал дека таквите „пловечки бензински станици“ им овозможуваат на брзите глисери да транспортираат дрога до Мексико, а потоа таа да продолжи кон Соединетите Американски Држави.

Американската Јужна команда на платформата X објавила дека пловилата потопени оваа недела служеле како станици за дополнување гориво за криминалната група „Лос Чонерос“.

Објавени се и снимки на кои се гледа како пловилата експлодираат, откако луѓето од нив претходно биле евакуирани.

 

Еквадорската морнарица вчера соопшти дека екипажите на два брода, вкупно 28 луѓе, ќе бидат префрлени во пристанишниот град Манта, каде што нивното пристигнување се очекува во текот на денот.

Останатите членови на екипажите во меѓувреме остануваат на море на своите пловила.

Иако американската влада презеде одговорност за десетици напади изведени во рамките на „Операцијата Јужно копје“, таа не потврди дека стои зад уште три напади изведени во текот на оваа година.

Тие напади биле насочени кон рибарски бродови од еквадорската провинција Манаби, а според наводите во текстот, ги имаат сите карактеристики на американските напади.

Поврзани содржини