ФРАНЦИЈА ЌЕ СПРЕЧУВА БАНКРОТИ НА ФАРМИТЕ ПОГОДЕНИ СО СУШАТА Подготвени сет мерки вредни повеќе од една милијарда евра

Најавено е дека ќе се формира и нов фонд за рестартирање на земјоделството.

26

Француската влада ќе издвои повеќе од една милијарда евра за поддршка на земјоделците кои претрпеа големи загуби поради топлотните бранови и сушата ова лето, објави денес француската министерка за земјоделство, Ан Женавард.

Владата во Париз објави дека станува збор за мерка за зачувување на ликвидноста на земјоделските фарми, спречување на банкрот и обновување на производството, објавува „Фигаро“.






Најголемиот дел од парите ќе бидат насочени преку националниот систем на заедничка компензација, кој служи за компензација на загубите во производството предизвикани од екстремни временски услови.

За оваа програма се наменети 520 милиони евра, со ветување дека исплатата на аванси и надоместоци ќе биде забрзана за да може помошта да стигне до производителите што е можно поскоро. Дополнителна поддршка ќе биде обезбедена преку системот за компензација од земјоделски катастрофи, кој ги опфаќа неосигурливите загуби, вклучувајќи штети на повеќегодишни култури и лозја.

Најранливите земјоделски фарми ќе добијат и даночни олеснувања преку намалување на данокот на земјоделско земјиште.

Во исто време, француската влада ќе создаде нов фонд за рестартирање на земјоделството. Средствата, меѓу другото, ќе се користат за купување сточна храна и семе, како и за компензација на штетите предизвикани од пожарите, за да можат производителите да продолжат да работат и покрај последиците од сушата.

Планот предвидува поголемо учество на државата во плаќањето на социјалните придонеси на земјоделците, како и дополнителна социјална и психолошка поддршка. Владата, исто така, ќе овозможи целни отстапувања од одредени правила на Заедничката земјоделска политика на ЕУ кога климатските услови го бараат тоа.

Франција, исто така, ќе ги продолжи постојните субвенции за купување ѓубрива и земјоделски дизел. Пакетот мерки, наречен CASI (Клима, адаптација, суша и пожари), е дел од одговорот на владата на една од најлошите епизоди на топлотни бранови и суши со кои се соочија Франција и Западна Европа во последните години, додаде францускиот весник.

Поврзани содржини