ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО Е НАЈУБАВОТО МЕСТО ВО ЕВРОПА Познатиот магазин му даде предност пред гламурозното Комо во Италија
Познатиот магазин „Тајм аут“ го стави Охридското Езеро на врвот на својата листа. Во написот езерото е опишано како помирна и поевтина алтернатива на италијанското езеро Комо.
Охридското Езеро е најубавото место во Европа за 2026 година според изборот на патописците на познатиот магазин „Тајм аут“. Зад него останале италијанската Сатурнија, Џиновскиот насип во Северна Ирска, Алберобело и норвешките фјордови.
Но, една споредба особено го издвојува Охрид. „Тајм аут“ го става наспроти славното езеро Комо, магнет за познати личности и за огромен број туристи.
Охридското Езеро, според магазинот, нуди помирно и поевтино искуство. Притоа, не губи ништо од спектаклот на пејзажот. „Тајм аут“ ги издвојува сината вода, планините и историските населби покрај брегот.
Историја и ниски цени наспроти гламурот на Комо
Комо го носи гламурот на Ломбардија, вилите и славните гости. Охрид, пак, добива поени за мирот, историјата и за значително попристапните цени.
Магазинот го опишува Охридското Езеро и како едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа. Градот Охрид го издвојува како ѕвезда на македонската страна.
Калдрмисаните улички, средновековните цркви и покривите што се спуштаат кон езерото ја градат сликата. Спомената е и познатата легенда за 365 цркви, по една за секој ден во годината.
Посебно место има црквата „Свети Јован Канео“. Посетата рано наутро се препорачува поради мирот и поради помалата гужва.
Лин, па уште 9 места зад убавиот Охрид
Изборот, сепак, не завршува на македонскиот брег. „Тајм аут“ ја издвојува и албанската страна, со нејзините помирни села и посурови пејзажи.
Посебно го посочува Лин. Малото село се издвојува со остатоците од мозаици и со камповите покрај водата. Така, едно езеро во изборот спојува две различни туристички лица.
Зад Охридското Езеро магазинот бројвуа 9 други места во Европа. На втората позиција е Сатурнија во Тоскана, а трет е Џиновскиот Насип во Северна Ирска. Следуваат Алберобело, Почитељ, норвешките фјордови, Кју Гарденс, каналот Принсенграхт, долината Мозел и „Каса Батљо“.