НЕБУЛОЗНИ СЕ ДВЕТЕ ТЕЗИ ЗА ЈАВНИОТ ДОЛГ НА ОПОЗИЦИЈАТА Мицкоски оцени дека СДСМ не излегла од арамиската матрица
Премиерот појасни дека новото задолжување со еврообврзница планирано за следната година е за да се вратат долговите направени од владата на СДСМ и ДУИ.
Двете тези на пратениците од опозицијата во македонското Собрание за јавниот долг се небулозни и на отворена сцена покажуваат непознавање на темата, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на прашањето во врска со јавниот долг на државата и каква е неговата структура.
– Тука се експерти. Но, кога станува збор за економијата, освен арамилак друго не им е во нивната политичка матрица – рече Мицкоски, додавајќи дека „сепак, тоа не е фабрика за јужно овошје па да тргуваат со бајати вакцини и слично, или пак да горат модуларни болници“.
Тој додаде дека првата теза на пратениците е зошто не биле запишани оние заеми што Јавното претпријатие за државни патишта ги зема.
– Затоа што тие не влегуваат во јавниот долг и тоа треба да го знаат, затоа што има Закон за јавен долг. Тие заеми се рамковни, односно во зависност од тоа како се напредува на терен и како се завршуваат активностите, така се испорачуваат фактури и така се повлекуваат заеми и се плаќаат. Така што, првата им беше таа теза – рече Мицкоски.
Што се однесува за втората теза на пратениците од опозицијата, зошто одлуката на Владата од 31 август за задолжување на меѓународен пазар не била во ребалансот на буџетот, Мицкоски одговори дека таа е за да се издаде еврообврзница во следната година и како што рече „за да можеме да ги вратиме нивните долгови кои што го крадеа народот и ги празнеа буквално институциите и министерствата“.
– За да може да ја вратиме обврзницата која што тие ја земаа во корона-кризата, за да можат да горат модуларни болници, за да можат да набавуваат бајати вакцини, а притоа граѓаните да бидат на дното според превенцијата, а на врвот по број на жртви за време на корона-кризата. Ете таа опозиција денес ја имаме во Македонија. Значи, бандитска опозиција која продолжува да биде континуитет на бандитската власт во периодот кога СДСМ и ДУИ беа власт во Македонија – подвлече Мицкоски, кој денеска беше во посета на општина Карпош.